Записите остануваат ас во ракавот на Владата
Државните записи се' уште се атрактивни за Владата. Тие беа и остануваат главен допинг за државната каса во почетокот на секој месец, од кои се намируваат тековните владини расходи. Само денеска по основа на записи од стопанството ќе се повлечат над 46 милиони евра, за веќе утре во него да се вратат над 44 милиони евра. За денеска е планирана аукција на државни записи со девизна и без девизна клаузула. Она што е забележливо е дека шестмесечните записи со девизна клаузула се поинтересни од оние без девизна клаузула, иако имаат пониска камата. Се планира на денешната аукција да бидат понудени записи во износ од близу 44 милиони евра со каматна стапка од 4,30 отсто и записи без девизна клаузула во износ од 2,4 милиони евра со камата од 4,50 отсто.
Овие аукции покажуваат дека Владата опстојува во својата намера да повлекува пари од стопанството по основа на записи, а тоа го планира и за наредниот месец кога, според календарот на Министерството за финансии, би требало да има дури две аукции, со што ќе се заокружи циклусот на задолжување за цела година.
Наспроти годинешново континуирано задолжување на домашниот пазар, власта за наредната година најави дека ќе апстинира од овој начин на цицање на стопанството и ќе се обиде да се сврти кон надворешното задолжување. (А.С.) |