Стагнираат и економијата и каматите
Стагнираат и економијата и каматите, а кредити има, но само за фирмите што добро работат. За банкарите, кризата во стопанството се' уште трае. Според нив, фирмите не можат да добиваат повеќе кредити во услови кога стагнира економијата. „Во услови на криза, кога стопанството не расте, ЕБОР прогнозира дека економскиот раст годинава ќе биде само 0,8 отсто. Не може фирмите да добијат повеќе кредити од тоа што моментно има, бидејќи тие би биле повеќе кредитирани од она што го дозволуваат нивните биланси. Ако има пораст на кредитирањето од 10 отсто, а има економска стагнација, тогаш значи дека не е точна констатацијата дека банките не им даваат кредити на фирмите“, вели Ѓорѓи Јанчевски, претседател на Здружението на банкари при Стопанската комора и директор на НЛБ Тутунска банка. Според него, годинава постојано е присутен и трендот на раст на нефункционалните кредити. Банкарите велат дека е влошена наплатата на кредитите, не само од страна на фирмите, туку и граѓаните се' потешко ги враќаат станбените, потрошувачките и автомобилските кредити, а особено тешко се покриваат минусните салда на картичките. Јанчевски смета дека во зависност од тоа кој сектор влегува во криза таму се влошува и наплатата, а сега очекуваат дека тоа ќе биде случај и со заемите на винарниците.
Банкарите признаваат дека многу бавно оди и падот на каматите на кредитите, за разлика од тоа што постојано растат каматите за штедните влогови. Според нив, високата ликвидност кај банките ќе ги натера да почнат посмело да ги намалуваат и каматите на кредитите. Информациите од Народна банка на Македонија покажуваат дека од 16 милијарди денари нова заштеда депонирана годинава во домашните банки, 10 милијарди денари биле пласирани во нови кредити. „Не е лошо, но може да биде и подобро“, порача вчера гувернерот Петар Гошев. Тој заедно со министерот за финансии, Зоран Ставрески, и банкарите вчера, со еден ден задоцнување, го одбележа Светскиот ден на штедењето, со порака дека домашниот банкарски систем е стабилен и граѓаните и фирмите му веруваат, без разлика на светската криза. Вкупните депозити бележат годишен раст од 14,5 отсто. Министерот Ставрески уште еднаш вети пред банкарите дека Владата во 2011 година ќе се ориентира кон странски извори на средства за финансирање на буџетот. (С.М.) |