Сакаме книжни пари, а купуваме алат за ковани
Снемува ли книжни и ковани монети на пазарот или, пак, централната банка редовно спроведува постапка за обнова на парите во оптек
Соња Маџовска
Снемува ли книжни банкноти и ковани монети на пазарот или, пак, Народна банка на Македонија редовно спроведува постапка за обнова на парите во оптек? Дали е тоа причината што централната банка во изминатиов период особено е активна со јавните набавки што имаат цел дополнување на парите во оптек. Така, по огласите на кои се бараа фирми што ќе ги печатат и вакумираат книжните пари од 10 денари, сега се набавува и алат за ковање монети во апоени од еден, два и пет денари. Од централната банка велат дека станува збор за редовна постапка, поради надоместок на монети што, обично, се спроведува на две-три години. Но, оттаму не соопштуваат колку ќе ги чини печатењето и ковањето на парите, или набавката на опрема за тоа, се' додека не завршат постапките.
Во огласот објавен вчера на веб-страницата за јавни набавки, НБМ отвора постапка за набавка на алат за ковање пари во апоени од еден, два и пет денари. Огласот ќе трае до крајот на ноември, а фирмите што ќе се јават треба да имаат минимален вкупен приход од три милиони денари во последните три години, како и да поседуваат сертификат за квалитет за опремата што се бара на огласот. Од НБМ објаснуваат дека станува збор за алат што е неопходен за ковање монети, заедно со набавката на рондели, за што постапката е завршена.
Монетите во апоени од еден, два и пет денари ќе се коваат во централната банка.
Таму се коваа пред две години и кованиците од 10 и од 50 денари, бидејќи НБМ ја купи машината за ковање на денарите откако фабриката „Сувенир“ од Самоков, која беше единствена ковачница на железните македонски пари, отиде во стечај. Банкнотите од 10 и од 50 денари, како и од 100 денари, досега ги печатеше прилепската печатницата „11 Октомври“, но, според последниот оглас на кој се бараше фирма што ќе ги печати книжните десетденарки, не е сигурно дали и овој пат таа можност ќе ја има оваа домашна печатница.
Минатата недела во НБМ беше отворена понудата за печатење на банкнотите во апоен од 10 денари. На овој оглас се пријавиле печатницата „11 Октомври“ од Прилеп, но и полската фирма „Витворија папиров“. Понудата на прилепската печатница е значително пониска и изнесува 384 илјади евра, со вклучен ДДВ, а фирмата од Полска бара 455 илјади евра за нивно печатење, без ДДВ, објаснуваат од печатницата „11 Октомври“. Главен услов што требаше да го исполнат фирмите е во последните три години да остварувале вкупен приход не помал од 500 илјади евра на годишно ниво во областа што е предмет на јавната набавка. Централната банка на друг оглас, кој трае до утре, бара да купи и машина за вакумирање на книжните пари. Неофицијално, за производство на книжните банкноти од 10 и од 50 денари годишно се трошат по околу 20 милиона денари, додека производството на монети чини од осум до 10 милиони денари годишно. |