Битка од соба во соба во хотелот во Мумбаи
Индиски командоси се обидуваат да ги елиминираат терористите, додека билансот на загинатите надмина 130 лица
ЊУ ДЕЛХИ - Шефот на Пакистанската воена разузнавачка служба (ИСИ) се согласи да ја посети Индија за да споделат информации по нападите во Мумбаи од страна на исламистички милитанти, изјави портпаролот на индиската влада. Индискиот премиер Манмохан Синг побара генерал-полковникот Ахмед Шуџа Паша да дојде во посета кога пакистанските лидери телефонски го информираа за нападите, посочи неговиот портпарол. „Ја потврдуваме информацијата“, изјави тој, одбивајќи да биде именуван. Пакистанскиот претседател Асиф Али Зардаи, премиерот Јусаф Раза Гилами и авганистанскиот претседател Хамид Карзаи телефонски разговараа со Синг по нападите во Мумбаи, додаде тој.
Пакистанскиот министер за надворешни работи Шах Мехмуд Куреши вчера изјави дека Индија и Пакистан треба да ги здружат силите за да го поразат заедничкиот непријател и го повика Њу Делхи да не ги користи за политички цели нападите во Мумбаи. „Не вклучувајте ја политиката во ова прашање. Ова е колективен проблем. Се соочуваме со заеднички непријател и треба да ги здружиме силите за да го поразиме непријателот“, изјави министерот за надворешни работи пред новинарите во индискиот град Аџмер.
Индиските командоси вчера разменија оган со исламистичките милитанти како што се приближуваше крајот на операцијата во луксузниот хотел и еврејскиот центар во Мумбаи, но се верува дека вооружените лица се' уште држат мал број странски заложници, изјавија официјални лица. Командантот на една специјална единица што ги истера милитантите од луксузниот хотел „Таџ Махал“ изјави дека видел 12-15 тела во една соба меѓу вкупно 50 во хотелот. Командосите пронајдоа пари, муниција и легитимации за идентификации од Маврициус, за кои веруваат дека им припаѓале на милитантите, изјави командантот, чие лице беше маскирано со црна шамија и очила за сонце, на конференцијата за печатот.
Владини и армиски официјални лица изјавија дека операциите ќе бидат завршени за неколку часа по дрските и координирани напади во средата во кои загинаа најмалку 121 лице. Меѓутоа, индиските ТВ-канали објавија информации за нови престрелки во непосредна близина на главната железничка станица во Мумбаи. На друга локација, во хотелот „Тридент-Оберои“, добро облечени гости, некои од нив носејќи го со себе багажот, го напуштаа објектот и беа испраќани до автобусите и автомобилите што ги чекаа по 36-часовната опсада. Еден странски член на хотелскиот персонал го напушти објектот со бебе во рацете. Полицијата соопшти дека досега се евакуирани 93 гости. „Тие ги евакуираат сите“, рече една Индијка, напуштајќи го хотелот со сопругот. „Секој е згрижен“. Најмалку еден милитант се верува дека се' уште држи двајца заложници во луксузниот хотел „Таџ Махал“, рече командантот на армијата.
Армискиот командант, генерал-полковникот Н. Тамбураџ, пред новинарите изјави дека речиси сите гости и персоналот се евакуирани од хотелот и операцијата ќе биде завршена за неколку часа. „Тој се движи на два ката, таму има сала за танцување каде што очигледно го прекинал снабдувањето со електрична енергија“, рече тој. „Изутринава, додека ја спроведувавме операцијата, слушнавме гласови од маж и жена, па постои веројатност дека овој терорист има двајца или повеќе заложници со него“. Се' уште може да се слушне пукање од автоматско оружје во хотелот и еврејскиот центар, каде што неколку часа претходно индиските командоси се истоварија од хеликоптери на покривот за да уништат друга група милитанти. Во центарот, во густо населениот дел од градот, очевидец на настанот за Ројтерс изјави дека безбедносните сили отвориле оган кон објектот за да обезбедат заштита за командосите додека тие направиле најмалку три надлетувања и ги заземале позициите на покривот. Постои сомневање дека вооружени лица држат израелски рабин и уште тројца други лица како заложници, изјавија официјални лица.
Мумбаи, град од 18 милиони жители, е крвотокот на индиската економска моќ и дом на боливудската филмска индустрија. Индија, во која доминираат Хиндусите, со особено големо муслиманско малцинство со децении е цел на милитантни напади. Меѓутоа, овој напад изгледаше дека има цел да ја парализира нејзината способност да привлекува странски инвестиции. Австралија вчера ги зголеми предупредувањата за патување во Индија, посочувајќи им на своите државјани да ги ревидираат плановите за патување во таа земја „бидејќи постои голем ризик од терористичка активност“. Главната берза во Индија вчера повторно беше отворена по затворањето во четвртокот. (Ројтерс)
|