„Крафт“ нуди 10,2 милијарди фунти за „Кедбери“
Според „Крафт“, ова ќе значи заштита на работните места во Британија
ЛОНДОН - Американскиот гигант „Крафт фудс“ понуди да ја купи британската кондиторска фирма „Кедбери“ за 10,2 милијарди фунти. „Крафт“ соопшти дека купувањето на произведувачот на „дери милк“ ќе значи заштита на работните места во Велика Британија, вклучувајќи ја и фабриката предвидена да се затвори. Американската фирма додаде дека сака да создаде „глобален центар за закуски, кондиторски производи и брзи оброци“.
„Кедбери“, чии акции се зголемија за 36 отсто по објавувањето на информациите, соопшти дека тој пристап „фундаментално ја потценува вредноста“ на компанијата. Покрај „дери милк“, „Кедбери“, исто така, го поседува брендот за чоколадото „грин енд блек“, бомбоните за лижење „халс“, брендовите на гуми за џвакање „тридент“ и „дентин“, како и слатките „басетс“. Минатата година го прошири одделот за пијалаци како посебен бизнис. Голем дел од својот развој го гледа во новите пазари, како што се Индија и Русија. „Кедбери“ соопшти дека „јаките брендови, единствена категорија и географскиот опсег“ се доволно уверливи за нејзината иднина како самостојна фирма.
Меѓу брендовите на „Крафт“ се кафињата „кенко“ и „максвел хаус“, бисквитите „орео“, „јакобс“, „терис чоколејт оринџ“ и „тоблероне“, како и млечни производи, односно сирењата „филаделфија“ и „дерилеја“. Со предложениот договор ќе се овозможи годишна заштеда од 625 милиони долари во дистрибуција, маркетинг и трошоци за развој на производи, смета „Крафт“. Во соопштението се додава дека брендовите на „Кедбери“ се „високо комплементарни“ и дека „ќе се извлече полза од глобалниот опсег на ’Крафт фудс’ и низа сопственички технологии и процеси“. „’Кедбери’ има развиено прекрасни брендови, фокусирајќи се на квалитет, иновација и маркетинг, но веруваме дека следната фаза во развојот на ’Кедбери’ ќе биде предизвикувачка со оглед на зголеменото значење на опсегот во индустријата“, вели претседателот на „Крафт“, Ирене Розенфелд. „Со нетрпение очекуваме да ги надградиме исконските брендови на ’Кедбери’ и големото британско наследство, со зголемени инвестиции и иновации. Изразуваме голема почит и одушевување за ’Кедбери’, вработените, раководството и гордото наследство“.
Индустриските аналитичари шпекулираа дека може да дојде до консолидација во прехранбениот сектор, при што „Еволушн секјуритис“ истакнаа дека „Нестле“ и „Херши“ би можеле да се обединат за да дадат контрапонуда за „Кедбери“. „Крафт“ соопшти дека можната понуда - што се базира на плаќање 745 пени за секоја акција на „Кедбери“ - е премиум од 31 отсто на последната цена од минатата недела, и 42 отсто повеќе од вредноста на акциите на фирмата на почетокот на јули, кога се интензивираа шпекулациите за можни договори во секторот.
Минатата година „Кедбери“ најави план��ви за намалување на 15 отсто од работната сила и бројот на фабриките во светот, што е еквивалентно на 7.800 работни места, во обид да ги намали трошоците. |