Брoj 2757  петок, 08 август 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Игрите може да почнат

Вниманието на целиот свет свртено кон Пекинг

Фарко Шакири

Денеска во главниот град на Кина, Пекинг (8.8.2008, во 8 часот и 8 минути), со церемонијалот на свеченото отворање, ќе започне најголемото спортско збиднување на планетата што се случува секои четири години - 29. Модерни олимписки игри. Датумот и времето на свеченото отворање не се случајно избрани, затоа што бројот осум се смета за среќен број во кинеската традиција, а се пишува и се изговара како и зборот среќа. Според процените на аналитичарите, најголемиот и најгламурозен спортски фестивал со посредство на ТВ-екраните ќе го проследат над 4 милијарди гледачи. Според организаторот, Игрите го симболизираат новиот статус на Кина на светската сцена и нејзиното свечено влегување во 21 век. Со амбиции да организираат најдобри Игри во историјата под слоганот „Еден свет, еден сон“, во наредните 17 дена (заедно со Параолимпијадата) пекиншката телевизија ќе го бомбардира остатокот од светот со 5.400 часа програма од случувањата на спортските арени во Кина.

И пред да почнат Игрите, еден факт презентиран од организаторот веќе го исфрли Пекинг на прво место во однос на досегашните олимпијади, а тоа се парите вложени во организацијата на оваа манифестација. Имено, досега се потрошени 46 милијарди долари, плус 16 кои ги потроши само Пекинг, зелени банкноти вложени во проширување на метрото, изградбата на новиот терминал на аеродромот, хотели. Се разбира, во тие неброени милијарди влегуваат и трошоците за изградба на бројни објекти кои директно не се поврзани со Игрите, туку се само нивна логистика, како што е најголемиот и најмодерен аеродром во светот кој се градеше десет години, а чинеше 10,5 милијарди евра. Но, Кинезите решија своето домаќинство на најголемиот и најпризнат спортски настан да го искористат за развој и пропаганда до крајни граници. Сепак, тоа не го изненадува никого. Кинезите имаат традиционална склоност кон грандиозност и потреба, веројатно како последица од долгогодишната изолација, со големи потфати да го импресионираат светот. За кинеската Комунистичка партија, Олимпијадата ќе биде и тест на компетентноста и политичката моќ. Значи, најдолгите и најскапи Олимписки игри се пред нас. Пекинг ќе пречека повеќе од 10.000 спортисти, кои од денес, па се' до 24 август ќе се борат за 302 златни медала во 28 спортски дисциплини. Земјите-учеснички на Олимписките игри на свеченото отворање ќе бидат распоредени според кинеското писмо. Се разбира, според протоколот, прва ќе излезе делегацијата на Грција, а последна земјата-домаќин, додека преостанатите 203 земји ќе бидат распоредени според знаците на кинеското писмо.



И ако се' што се случуваше околу Олимпијадата откако Пекинг ја доби организацијата беше и премногу транспарентно, сценариото од чинот на отворањето на Игрите до последниот ден остана мистерија, само како потсетување на уште една кинеска специфика. Многумина се обидоа да го разоткријат, но без успех, а тие кои донекаде го демистифицираа (јужнокорејските сниматели) експресно се вратени дома. Познато е дека ќе учествуваат повеќе од 10.000 изведувачи. Кинеските работници на олимпискиот проект и нивните семејства добија билети за генералната проба, на која беа присутни и новинари, под услов да не ги откриваат деталите од церемонијата што ќе се одржи денес. Директорот на церемонијата, Чанг Јимо, на проектот работи четири години и сите членови на неговиот тим пред започнувањето на работата мораа да потпишат договор за доверливост. Отворањето на Игрите во Пекинг ќе биде најскапо во олимписката историја. Медиумите шпекулираат со бројка од 100 милиони долари, што е двојно повеќе во споредба со манифестацијата во Атина во 2004 година. Олимпискиот оган од вторникот е во Пекинг по 130 дена пат околу светот, кој ја претставуваше модернизираната верзија на Патот на свилата, мина низ 20 земји на шест континенти, вкупно 137 илјади километри. Во многу земји минувањето на олимпискиот оган беше обележено со демонстрации против кинеската репресија во Тибет. Имињата на спортистите кои ќе ја имаат честа да го донесат факелот на стадионот „Птичјо гнездо“ ги знаат неколкумина, токму како и името, местото и начинот како ќе биде запален огинот. Бившиот гимнастичар Ли Нинг (45) е прв кандидат за тој чин. Ли Нинг освои три златни медали, два сребрени и еден бронзен на ОИ во 1984 година, а денес е успешен деловен човек со сопствена фирма за производство на спортска опрема.

Олимписките игри веќе со децении се единствена спортска манифестација на која ултимативниот притисок за заработка на спортистите и на организаторите не е примарен елемент на настапот и кандидатурата, туку, макар и во релативно мал обем, се почитува слоганот кој во почетокот на минатиот век го патентираше Пјер де Кубертен - важно е да се учествува, а не да се победува. И иако во светот на глобализација и алчност таквиот став често предизвикува потсмев, факт е дека за голем број спортисти настапот на Олимпијадата е круна на сопствената кариера. Токму во таа светлина треба да се согледаат настапите на бројните суперѕвезди од светот на спортот, но и да се разбере зошто уште многу светски познати лица од политиката, уметноста, музиката ќе дојдат во Пекинг да ги бодрат своите пријатели и сонародници. На крајот на краиштата, токму Олимписките игри се совршен пример на витешко натпреварување, дури и покрај се' поголемиот број допинг-скандали.


Ли Нинг (45) е прв кандидат за палење на олимпискиот огин, тој освои три златни медали, два сребрени и еден бронзен на ОИ во 1984 година

И кога сме кај политиката, и овие Олимписки игри имаа своја политичка предигра која во еден момент личеше и на обид за тотален бојкот од страна на западните земји. Причина беше случувањето околу Тибет, кое западните земји го третираа како непочитување на човековите права, а Кина како непримерен политички притисок. Сепак, на крајот работите се смирија, Кинезите ветија максимална безбедност на сите присутни, а американскиот претседател Џорџ Буш со сопругата ќе присуствува на чинот на свеченото отворање на Игрите во Пекинг, соопшти Белата куќа. Иако порано беше најавувано дека Буш ќе го посети Пекинг за време на Игрите, планот американскиот претседател да присуствува на свеченото отворање е потврден за прв пат. Некои светски челници најавуваа можност на бојкот на отворањето на Олимписките игри за време на неодамнешните репресии на кинеските власти по безредијата во Тибет. Меѓу нив е и францускиот претседател Никола Саркози, кој неодамна изјави дека, сепак, би можел да оди во Кина, затоа што состојбата со почитувањето на човековите права се подобрила. Во Пекинг ќе се одржи и неофицијален самит на осумдесет шефови на држави и на влади кои ќе присуствуваат на отворањето на Олимпијадата. Тоа е најголем олимписки собир на политичари досега.

Web Special

Корејски новинар тајно снимил дел од отворањето. Снимката е забранета во Кина, но не и на интернет.


Статијата е прочитана 408 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Претходен број
Шекеринска е најголемото разочарување на СДСМ
Зденко
Има ли решение за дефицитот
Во февруари 2009 почнува судењето на Бошкоски во Пула
За „Љуботен“ се жалат и одбраната и Обвинителството
Во Прилеп одбележување на седум години од масакрот кај Карпалак
Агонијата на МРТ
Владата и ВМРО-ДПМНЕ бараат Заев да го открие министерот што вршел притисок
Илинденски политички патрдии
Црвенковски ќе ја расчисти дилемата за законите по одморот
Грција прави проблем и на Олимпијадата
Дефицитот веќе е над 20 отсто од БДП
Зелена Македонија
Verbatim