Мислења
Зелена Македонија
Лабина Митевска
Македонија има привилегија да и' се дадени неверојатна природа и природни ресурси, но ние не знаеме да се грижиме за нив
Убав ден. Навистина прекрасен ден за пикник. Се упативме во едно од околните села покрај Скопје. Природата е неверојатна на Скопска Црна Гора. Само на триесетина километри од Скопје имаш можност да побегнеш во природа на чист воздух, во неверојатни глетки на предели кои душата ти ја полнат само со убавина. Селата во Македонија се прекрасни, селата се тивки, неоптоварени од градскиот метеж. Македонските села се како идили, прикази од бајки од некој друг свет.
Архитектурата на старите македонски куќи е еден од најубавите белези на македонското народно творештво. Во секое село, во секоја куќа си одгледуваат најразлични свежи здрави зеленчуци, непрскано овошје, вкусни кокошкини јајца, ја имаш привилегијата да јадеш домашен леб, домашно млеко, сирење. И навистина на прв поглед се' изгледа идеално додека не започнеш муабет со луѓето кои живеат во селата и во малите градови низ Македонија.
Па ќе те фрапира сознанието дека најголем број села во Македонија немаат контејнери или какво било организирано место за исфрлање на сметот. Вистина, во село многу порационално се користи и она што би било отпад во градот, но напливот на пластика ги преплави и најоддалечените делови на Македонија. Во 21 век, едноставно, немаат контејнери, нема служба што се грижи отпадоците да бидат однесени до најблиската депонија. Впрочем, во земјава и онака имаме само една депонија која колку-толку исполнува светски стандарди и норми.
Па солуцијата што ја имаат жителите на селата е секој ден со возило да го носат ѓубрето до првиот контејнер, кој е оддалечен најмалку десет километри од нивното село, на влезот во градот, или, пак, другата солуција е во тоа што тие сами си имаат направено депонии некаде во природата или, пак, ѓубрето го фрлаат во река. Па се шеташ низ прекрасните планини и предели и здивот ти го одз��ма непријатен мирис на импровизираните депонии. Неопислива и необјаснива е глетката среде убавина купишта ѓубре, па понатаму нови купишта. Па контејнерите и комуналната хигиена навистина се основни права на секој граѓанин на оваа земја. Едноставно, нема нешто пострашно од овие импровизирани солуции не само за граѓаните и за нивното здравје туку и за самата природа, чие загадување ќе го трпат сите и тоа со генерации по нашата.
Живееме во свет каде што цивилизацијата неуморно секојдневно се бори за екологија, за чиста околина, за живеење на оваа планета и во иднина. Македонија има привилегија да и' се дадени неверојатна природа и природни ресурси, но ние не знаеме да се грижиме за нив. Граѓаните што живеат во овие села ми зборуваа дека нивните молби до локалните власти и до централната власт се постојани во последните десет години, со предлози сами да си купат контејнери, но да има служба која барем двапати во неделата ќе ги празни, ама нивните молби се неслушнати, нивните барања остануваат непрочитани и неодговорени.
Вториот проблем што ги имаат нашите села е водоводот. Повторно најголем дел од македонските села немаат водовод, имаат некаков импровизиран сопствен водовод кој, се разбира, речиси никако не работи штом ќе настапат нашите сушни лета, а тоа е голема неволја за нивното земјоделство, од кое егзистираат најголем дел од нив. Па водата, исто така, е основно право за живеење во една земја. Едноставно, не можеме да живееме во земја каде што огромен, навистина огромен број села и градови имаат недостиг од вода секојдневно, секој момент. Па не може Скопје да биде единствен привилегиран град во Македонија каде што функционираат комуналните и другите јавни служби, и тоа со маки Танталови, маки невидени, а се' друго во земјата е оставено на локалните власти кои, очигледно, едноставно немаат доволно средства да се справуваат со овие огромни проблеми.
Пред два дена се вратив од Хрватска, каде што бев на фестивал во мало гратче на Истра, Мотовун. Фестивалот секој ден не' носеше во друго мало село на убавата Истра на ручек. И за нив село е и таму каде што има три куќи и една кафеана. За нив и најнепристапните места инфраструктурно се сосема решени, немаат проблем со загадување на природата, немаат проблем со водовод и канализација, немаат проблем со одвивање на својот секојдневен живот, немаат проблем со одгледување на своите земјоделски производи и развивање на сточарството. Таму селскиот туризам е развиен навистина на највисоко ниво. Немаше ресторанче каде што отидовме по селата каде што не се продаваа локалните производи кои тие ги брендираат како специфично истрански, локални, традиционални, здрави, вкусни, зејтин од маслинки, пршута, сирење, тартуфи. И Истра не е поубава од Македонија. Дефинитивно не е поубава. Но, дефинитивно е посредена. Кај нив самите граѓани не се оставени на милост и немилост и молења и барања за основни, навистина најосновни услови за живеење. Таму е незамисливо да се нема пат, добар пат до секоја, ама баш секоја куќа каде и да си тргнал. Таму е срамота да зборуваш дека нема контејнери, дека ѓубрето се фрла во депонии во природата, таму чудно те гледаат ако им објасниш дека преку лето во денот имаш половина час вода.
Тоа се проблемите за кои навистина треба да се размислува веднаш. Да го зачуваме тоа што ни е дадено од природата и Бога и што луѓето на овие простори со векови го негувале и надградувале. Тоа се секојдневни огромни проблеми на половина од граѓаните од оваа земја. Додека не се преселат и тие во градовите несредени. Додека не побегнат од маките неподносливи. Мариово, запустено, напуштено, раселено. Раселено, нема доволно луѓе да живеат во овие села. Зарем тоа не е егзодус кој трае со децении. Знам дека е огромен скокот од барање решенија за комунални проблеми до градење и имплементирање национални и локални стратегии за развој на земјоделството, животната средина, економската база на идниот развоја на цели региони, но мора да се почне од некаде.
Мора да се почне да се гради оваа земја на трајни и издржливи основи, а ни е дарено повеќе од минимум. Дарено ни е многу, но ние упорно и настојчиво го уништуваме тоа и дури со презир го запоставуваме. Се надевам дека нашата научна мисла ќе престане да се вртка околу курентните политички игри, дека ќе престане да објаснува теории на заговор, за геостратегиски трансверзали, дека ќе престане да им бере гајле на Иранците и Авганистанците и дека ќе се сврти кон Македонија. Да го спасиме она што ни останало, да го зачуваме за иднината, да овозможиме живот насекаде низ земјава не само во поголемите градови, од кои повеќето, да не ја отвораме и таа тема, се крајно непримерни за европско живеење. Животот не се состои од политичките препукувања, од тоа живеат само политичарите, а сите други треба да се занимаваат со основните човечки проблеми, и тоа сериозно, долгорочно и одговорно кон својот народ, кон својата земја, кон своите поколенија.
(Авторката е актерка и продуцентка) |