Кој му шепна на Калеников да го обвини Гошев?
„Ме чуди тоа што така идилично јавно приватно партнерство се претвори во гротеска“, констатираше Гошев
Соња Маџовска
Гувернерот Гошев не е дел од приказните на Калеников. „Дали Калеников сам ја забележал или некој му дошепнал јавно да соопшти дека постои спрега меѓу Народна банка на Македонија, банките и големите компании“, праша вчера гувернерот Петар Гошев. Тој вчера излезе со однапред подготвен одговор на обвинувањата на претседателот на Сојузот на стопански комори, Златко Калеников, кој еден ден претходно банкарите ги нарече лихвари кои заедно со НБМ и големите фирми не давале да паднат каматите и да има повеќе кредити за малото стопанство. „Мене ме чуди што така интелигентни луѓе, а таква очигледна спрега што тие ја констатираат ја забележале толку доцна, или за неа требало некој да им шепне, да им денунцира, да им кодоши за да заклучат дека е можна меѓу Народната банка и банките и големите бизниси. Всушност, ме чуди што така идилично јавно приватно партнерство манифестирано на завчерашната седница се претвори во гротеска, а на неа се утврдуваа мерки потребни за доброто на економијата и така прецизно се лоцираа виновниците за тоа зошто не е поинаку во македонската економија. А Македонија не е голема земја и не е тешко да се погодат вистинските спреги и тие се доволно интересни наместо да се бараат во некакви измислени, нови. И, всушност, се' додека најдинамична стапка на раст се интригите и инсинуациите, измислените непријатели тогаш шансите на растот на БДП не му се големи. Да беше таа гранка што придонесува во раст, Македонија ќе беше една од најуспешните развиени земји“, изјави вчера Гошев.
Сепак, тој јавно не сакаше ништо повеќе да каже за тоа на кого мисли кога вели дека на Калеников некој му дошепнува. „Не работам, ниту, пак, сум работел во полиција и ниту, пак, сум имал такви предиспозиции, и немам намера ништо да истражувам од тоа, си имам проблематика со која се занимавам со мојот тим одговорно, поодговорно од сите тие што упатуваат критики на централната банка во секој случај“, вели Гошев. И покрај сериозните обвинувања, гувернерот нема намера да го тужи Калеников. „Нека продолжат тие со своите приказни, ние ќ�� продолжиме со нашата работа. Никого нема да тужиме што и да речат. Сметаме дека секој има право на свое мислење и секој има право на својата глупост и на своите грешки и заблуди“, порача гувернерот.
Тој и за предлозите на ССК за воведување промени во аукциите на благајнички записи порача дека некој убаво треба да им објасни што значат тие. „Многу се радувам зашто некои од бизнисмените се обидуваат да навлезат во проблематиката во видовите на аукциите и тоа го сметам за напредок и нека продолжат да ги анализираат, можеби еден ден поцелосно ќе ги разберат, кога и како да се применат, се разбира, ако не им се исто дошепнати од некого, само треба да биде точно, попрецизно дошепнато“, реагираше вчера Гошев.
Гувернерот за вчера имаше закажано прес-конференција на која ги соопшти макрокеномските параметри за годинава и за наредната година и се најде во небрано, па мораше да одговори на обвинувањата на претседателот на ССК. Инаку, никој од банкарите не сакаше јавно да зборува за тоа.
Калеников не распали само по банкарите и гувернерот, завчера му објави војна и на Азески, околу тоа кој треба да биде правниот наследник на зградата на Комората. Тој, пак, врати дека нема намера да разговара за технички прашања во време на криза. „СКМ како многу одговорна институција енергично одбива во услови на криза да дебатира за маргинални прашања од техничка природа. Моментно за нас постои само една тема за дебата, а тоа е како да се помогне да се спасат бизнисите и да се зачуваат работните места“, велат од Стопанската комора на Македонија. |