Број 3427  вторник, 09 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Вести








Site Meter

Мислења

Владин буџетски римејк

Слободан Најдовски

Очигледно, на Македонија и' е потребен целосно нов приод во буџетската политика

Во македонското Собрание започна комисиската расправа за буџетот за 2011 година. Не само површина, туку и подлабока анализа ќе покаже дека годинашниот буџет е идентичен со минатогодишниот и се разликува само во тоа што е поголем за повеќе од сто милиони евра. Новинарите од економските рубрики нема да имаат тешка задача за известување, бидејќи слободно можат да ги препишат своите коментари од минатата година, да ги цитираат истите изјави на економските аналитичари кои се однесуваа на буџетот за 2010 година. Во Собранието како реплика на ланските дискусии ќе се слушаат истите приказни. На една страна, како и лани владините министри и пратениците на парламентарното мнозинство ќе се обидуваат да ја убедат јавноста дека овој буџет е развоен и ќе ја поттикне македонската економија. На друга страна, опозицијата како со снимен говор ќе напаѓа дека буџетот не е во функција на развојот и е наменет исклучиво за нерационални трошења, за партиски вработувања и владини кампањи. Сето тоа ќе биде надополнето со примеси од меѓуетнички карактер - дека не се води доволно грижа за проблемите на граѓаните од албанската заедница. Пратениците, пред се' од опозицијата, ќе поднесат бројни амандмани кои ќе имаат маркетиншко-партиски карактер, а оние од власта, за да имаат оправдување пред гласачите, ќе поднесат амандмани за изградба на некое селско водовотче или патче. И така секоја година. Речено со филмски жаргон, ќе бидеме сведоци на буџетски римејк.

Доколку остане и понатаму истиот приод во изработка, предлагање и контрола на буџетот, Македонија ќе нема потреба од министер за финансии. Без разлика на неговата стручност и подготвеност, ако не се смени нешто суштински, министерот се' повеќе ќе заличува на свртничар на железница за насочување на возовите. Како што задачата на свртничарот, во зависност кој воз доаѓа, по однапред утврден возен ред, е само да ја сврти пругата, така и нашиот министер, во зависност од тоа колку пари стигнале, треба да ги насочи за однапред направени трошоци. При тоа нема можност за нивно планирање за најпродуктивно користење. Во прилог на изнесеното е што овој буџет не е проследен со ниту една владина мерка или новина, што значи дека нема ништо ново во економијата. Со овој начин на буџетирање, на крајот функцијата на министерот за финансии ќе се сведе на човек кој треба да ги плати сметките за комуналии и да ги исплати платите на администрацијата, а ако нешто преостане, да изгради некој споменик во Скопје. И, толку.

Наместо јалова расправа, треба да се отвори суштинска расправа за буџетот која треба да даде одговор на прашањето - можеме ли да имаме буџет со видоизменета структура, во кој ќе преовладуваат ставки за поттикнување на македонската економија, како и кои мерки треба да се преземат за да имаме подобра буџетска структура. Второто прашање на кое треба да се побара одговор е - кои се ефектите од буџетската политика врз македонската економија, кога се во прашање расходите, во изминатите четири години владеење на оваа власт. Резултатите се мерливи и во зависност од позитивните ефекти на трошењето на буџетот може да се согледа исправноста на буџетските расходи.

Едно од прашањата кое кај нас се избегнува е - повратниот ефект кој го има трошењето на буџетот врз домашната економија. Редно е од Владата да ги покажат фискалните сметки за да видиме дали на нив преовладуваат ставките со патриотското сонценце и колку пари од буџетот завршиле во домашните производствени фирми. Претставниците на владата ја правдаат својата политика на зголемување на буџетот со постојано повторување на тезата дека нивната стратегија е со зголемена јавна потрошувачка да ја поттикнат домашната економија. Но, кампањата „купувајте домашни производи“ како да не се однесува за нив. Интересно е да се направи анализа дали МВР, како еден од поголемите реализатори на пари за капитални расходи и за набавка на стоки, придонесе за поттикнување на домашното производство или го зголеми обртот на сметките на увозниците на опрема.

Време е македонската јавност да дознае колку од парите за „Скопје 2014“ останале во државата, а колку се прелеале надвор. За четири години во Министерството за култура се потрошени десетици, а можеби и стотици милиони евра за капитални инвестирања. Токму од расправата за буџетот треба да произлезат точни податоци - кој е сегашниот ефект врз нашата економија, но и колку во иднина во започнатите објекти ќе се вградуваат домашни производи. Истото се однесува за сите буџетски корисници. Време е да се проанализира и каков е ефектот од вложувањата во индустриско-технолошките зони, во кои за последните три години се вложени над 20 милиони евра државни пари. Покрај тоа вложени се и пари како државна помош и ослободување од давачки кон државата на неколкуте инвеститори во зоните. Некој мора да одговара за оправданоста и ефикасноста на нивното трошење.

Во македонскиот буџет се' помало е учеството на ставките во кои може да интервенира владата за подобрување на економијата. Но, и тие малку што ги има не ги користи или во текот на годината врши нивна пренамена. Кај креаторите и тие што го поддржуваат нашиот буџет не постои општествена одговорност за дефинирање на приоритетите за финансирање од државни пари и нивно насочување во домашната економија. Не е во прашање потребата на одделни проекти, иако за некои сметам дека не треба никогаш да се финансираат, но во прашање е дефинирање на приоритетот, односно редоследот во однос на потребите на граѓаните. Актуелната власт се оправдува со аргументите дека граѓаните им ја дале довербата на избори да ја спроведуваат нивната програма. Бидејќи се љубители на референдум, нека распишат еден со прашање: дали граѓаните со средства од буџетот се за продолжување на проектот „Скопје 2014“ или за изградба патишта.

Очигледно, на Македонија и е потребен целосно нов приод во буџетската политика. Иако ќе звучи нелогички, но изгледа кај нас не постои друг начин освен „принуда“ или мониторинг врз Владата, во одредување и следење на расходите во буџетот. Дефинитивно, треба да се одреди рамка на процентуално учество на платите на администрацијата и таа да не може да се надминува. Да се одреди најниско ниво под кое не смее да биде износот за капитални расходи. Потоа да се анализираат причините за нивното неискористување, но и да се сноси одговорност за планираното, но неискористено за одговорните лица кај буџетските корисници. Во спротивно, наместо планирање на буџетот секоја година само ќе се препишу��а претходниот.

(Авторот е поранешен пратеник)


#
Статијата е прочитана 753 пати.

Испрати коментар

Од: milko
Датум: 09.11.2010 19:34:45
zarem nema mak.zbor za rimejk.
Од: Професорка
Датум: 09.11.2010 22:21:16
На МК не и треба нов буџет туку итно нова Влада која ќе ја преполови јавната администрација и ќе инвестира само во инфраструктура.

Најди! во Утрински
Насловна
Детство во судски лавиринти - ќерката на Спаска уште е со таткото
Го разбира ли Владата своJот мандат
Или помалку ќе не' лечат или ќе си доплаќаме
Тиквешански
Северина во еден здив
Бугарските возила се менуваат како чорапи
ЕУ се закани со враќање на визите
Неверојатната сага на катедралата на Гауди
Македонија се' поблиску до заемот од ММФ
„Златно славејче“ е галениче на македонскиот народ
Лејди Гага победничка во отсуство
Професионална одговорност на СДБ
Саботна Празијада во Василево
Карикатура
Почина рударот што пропадна во "Саса"
Стил
Браќата Миладинови да почиваат во Македонија
Утре може да биде опасен ден






Bulgaria and Russia expected to sign gas pipe agreement
One third of cigarettes in Bulgaria are 'illegal'
Falling credit rating reveals Croatia's economic crisis