„Златно славејче“ е галениче на македонскиот народ
Најстариот фестивал на детска песна годинава прославува јубилеј - 40 години постоење
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ
l ново фестивалско издание со шеснаесет композиции
l издавање монографија насловена „40 години Златно славејче“
l прием кај претседателот Ѓорге Иванов во вилата на Водно
l промовирање двојно цеде со најголемите фестивалски хитови
l гала-концерт со досегашните учесници закажан за 16 декември во Универзална сала
Катерина Шекеровска
Четириесет свеќички на тортата на „Златно славејче“ ќе светнат утре (10 ноември), за кога е закажано најновото издание на најстариот фестивал на детска песна со кое ќе започне прославата на големиот јубилеј. Годините и континуитетот со право го квалификуваат како вистински македонски бренд, или како што милува да каже неговиот прв човек, извршниот директор Бобан Јосифовски, галениче на македонскиот народ. Оттаму излегле најголемите имиња на домашната естрадна сцена, кои заедно ќе бидат дел и од гала-концертот закажан за 16 декември во Универзалната сала во Скопје на кој посебен дел ќе му биде посветен на Тоше Проески. Покрај шеснаесетте нови песни на „Златно славејче 2010“ и гала-концертот, Сојузот за грижи и воспитување на децата на град Скопје подготвува и дупло цеде со најголемите фестивалски хитови, како и монографија насловена „40 години Златно славејче“, за која е задолжен Томислав Таневски, раководител на хорот.
Која е тајната на долгогодишното опстојување? Како се прави успешен детски фестивал во континуитет од четириесет години? „Да се издржи да се опстои 40 години е навистина долг период, а мал е просторот да се одбележат сите оние што се вложиле максимално - како уметници, институции или компании... Во ова време е многу тешко. Се' што сакаме да биде убаво - чини, а истовремено треба да се одржи и високиот рејтинг, кој не смее да падне“, вели директорот Бобан Јосифовски. „Јас сум многу горд бидејќи мислам дека „Златно славејче“ е галениче на народот на Република Македонија. Бренд. И секаде каде и да се јавиме, со особен респект се зборува за него. Тој е симбол на нешто убаво, распеано, искрено...“
Многумина ќе се согласат дека златните славејчиња се вистински амбасадори на Македонија на детската песна. Патуваат, ја шират таа култура, запознаваат нови луѓе...
„Златно славејче“ е институција. Се подготвува цела година - во јануари и во февруари го објавуваме конкурсот, во март е аудицијата за нови членови, април, мај и јуни секојдневно се работи во Сојузот за грижи и воспитување на децата, а децата се слободни само во јули. Во август одиме на подготовки во Охрид, па потоа интензивни подготовки пред самиот фестивал...“, додава Јосифовски.
Во хорот „Златно славејче“ членуваат околу 100 деца, на возраст од 7 до 13 години. Солистите се избираат од хорот, а во просек во „Славејчето“ децата остануваат 4 - 5 години. Јосифовски објаснува дека ги воспитуваат да бидат граѓани на Европа, ги насочуваат... „Затоа и интересот е многу голем. Секогаш кога имаме аудиции, доаѓаат многу деца“.
Една од карактеристиките на „Златно славејче“ е и долгиот список на познати имиња што продефилирале на неговата сцена. „Да, бројот е навистина голем. Прво би го спомнал покојниот Тоше Проески, кој во 1992 год. тука ги започна првите чекори, потоа Симон Трпчевски, Калиопи, Ана Дурловски, Маја Гроздановска-Панчева, Кате од „Нели ти реков“, Ноне Неделковска, „Некст тајм“, Влатко Илиевски, Сузана Спасовска, Андријана Јаневска, Јован Јованов...“, вели Јосифовски.
А кога ќе се спомене „Златно славејче“, неизоставно со него оди и името на маестро Александар Џамбазов, кој е еден од неговите основачи, присутен од самите почетоци во 1971 год., па се' до денес кога има 73 год. и ни на крај памет не му паѓа да се откаже од функцијата уметнички директор. „Џамбазов е еден од основачите, и многу сме среќни што тој е се уште активен како уметнички директор на фестивалот. Затоа ’Златно славејче’ е бренд. Не ги менуваме директорите секоја година. Негуваме вредности што траат“.
Што е нареден предизвик за организаторите по прославата на 40-годишниот јубилеј? „Знаете кој е нашиот предизвик? Публиката што доаѓа во голем број кога ќе излезе од Универзална сала да биде з��доволна. Нема поголема благодарност од тоа кога ќе ми кажат „Супер беше, браво, секоја чест!“ А штом доаѓаат секоја година, значи се задоволни. Ете тоа е задоволството“, завршува првиот човек на фестивалот, Бобан Јосифовски.
n Секаде, каде и да се јавиме, со особен респект се зборува за фестивалот. Тој е симбол на нешто убаво, распеано, искрено... Бобан Јосифовски извршен директор на „Златно славејче“ |