Македонија се' поблиску до заемот од ММФ
Се размислува дали да се побара претпазлива кредитна линија од ММФ или помала сума од еврообврзници или, пак, и двете
ВИЕНА - Македонија е со тенденција да побара заем од ММФ од 400 милиони евра во наредните денови и, исто така, размислува за дополнителна понуда на еврообврзница, изјави вчера заменикот на премиерот Владимир Пешевски.
„Економијата во земјата опадна 0,6 отсто во 2009 година и земјата-кандидат за ЕУ сега размислува дали да побара претпазлива кредитна линија од 400 милиони евра од ММФ или помала сума во нова понуда на еврообврзници - или, пак, двете. Тоа не е лесен избор“, изјави Владимир Пешевски, заменик-премиер на Македонија за економски прашања во интервју за време на конференцијата во Виена. „Размислувањето повеќе оди кон договор со ММФ и користење на парите“.
Заемот од ММФ, кој сега има делегација во посета на Македонија, би имал каматни трошоци од 1 до 1,3 отсто во споредба со можеби 7 до 9 отсто за една еврообврзница, изјави претставникот. Меѓутоа, изборот не е очигледен, бидејќи Скопје сака да сигнализира дека би можело да ја преброди финансиската криза без ММФ.
„ММФ доаѓаше со уште попривлечни понуди за време на кризата, но ние не сакавме да имаме стендбај-аранжман, бидејќи аранжман со ММФ, исто така, е знак на слабост на една земја“, изјави Пешевски за Ројтерс. „Докажавме дека сме способни да ја расчистиме кризата без ММФ. Не е во прашање само цената на парите“, вели Пешевски и додаде дека можниот заем е нов инструмент што би следел со помалку оптоварувања во споредба со конвенционалните стендбај-аранжмани.
Македонија, некогаш најсиромашна република во Југославија, исто така, размислува да издаде нова еврообврзница во вредност од 200-250 милиони евра за да го покрие очекуваниот буџетски дефицит од околу 180 милиони евра следната година, или 2,5 отсто од БДП, изјави заменик-премиерот. „Можно е да има комбинација“, рече Пешевски. „Но, се' уште не сме ја донеле таа одлука, една опција би била да има една еврообврзница, но парите да бидат на располагање кај ММФ како еден вид сигурност со цел да се добијат подобри услови за еврообврзницата“. (Ројтерс) |