Или помалку ќе не' лечат или ќе си доплаќаме
Владата предлага или болните да плаќаат поголема партиципација или вработените да издвојуваат повеќе од платата
Јасмина Јовановска
Пациентите и вработените ќе го спасуваат здравството од колапс. За да се пополни финансиската дупка во здравството, граѓаните за исти пари помалку ќе се лекуваат или, пак, ќе мора да доплаќаат. Владата предлага или болните да плаќаат поголема партиципација за здравствени услуги или, пак, вработените да издвојуваат повеќе пари од плата за здравствен придонес. Вака накратко може да се дефинираат двата модела на финансирање на здравствениот систем, со кој Владата предлага да го стабилизира овој сектор.
Предлозите се да се реформира постојниот здравствен пакет или да се воведат три нови здравствени пакети, во зависност од тоа колку пари од платата ќе се издвојуваат за здравството. Двата модела на финансирање на здравството вчера ги обелодени министерот за здравство Бујар Османи, иако Владата се' уште не знае што ќе содржи основниот пакет на здравствени услуги што ќе биде загарантиран за сите категории граѓани - од вработени до социјални случаи.
Според Османи, основниот пакет се' уште не е дефиниран. „Се' уште е предизвик кои услуги да се изостават од основниот здравствен пакет. Дилема има и околу тоа кои категории на граѓани ќе бидат ослободени од партиципација“, рече министерот Османи, кој не одговори дали новите модели ќе значат дека за исти пари болните помалку ќе се лекуваат или, пак, ќе мора да доплаќаат, со изговор дека се' уште не е одлучено. Двата модела ќе бидат дадени на јавна расправа и без да се постигне општ консензус, нема да се донесе одлука кој модел ќе биде прифатен, вети министерот Осамни.
Со првиот модел на финансирање се предлага да има основно здравствено осигурување со кое на граѓаните ќе им следува основниот пакет здравствени услуги, кој, најверојатно, би бил помал од сегашниот, и тоа за 7,3 отсто здравствен придонес, колку што и сега се одделува за здравството. Се планира да се воведе и дополнително здравствено осигурување, кое ќе ја покрива скалестата партиципација од 15 до 50 отсто што и сега се плаќа. Тоа дополнителното ќе си го плаќаат вработените, но кога ќе одат на лекар, нема да плаќаат ништо. Овој модел е сличен на оној од Хрватска и од Словенија. И приватно осигурување за натстандардни услуги и услови за лекување.
Вториот модел предвидува три пакети: основен, среден и проширен, во зависност од тоа колкав здравствен придонес ќе се плаќа. „Пример за основниот ќе се плаќа шест отсто и во него ќе влегуваат сите стандардни услуги, но со повисока партиципација, за средниот пакет ќе се издвојува 8 или 9 отсто, но ќе има пониска партиципација, додека проширениот пакет ќе чини над 10 отсто од платата и ќе покрива и стандардни и нестандрадни услуги, но без партиципација “, објасни Османи, кој не одговори кој ќе ги доплаќа процентите за средниот и за проширениот пакет, вработените или работодавецот.
„Вака како што е поставен системот е неодржлив. Имаме обемен пакет на услуги, но само на хартија. За да се стабилизира здравствениот систем, мора да се внесе свеж прилив на пари со кои ќе се покријат зголемените 10 отсто расходи секоја година како резултат на зголемена потреба од нови здравствени услуги“, објасни првиот лекар во државата.
На новинарското прашање зошто здравствените осигуреници да плаќаат за незаконското трошење на парите по болниците, за камерите, за двојното менаџирање, првиот лекар во државата рече дека не може да се мешаат овие работи зашто за Османи, камерите, реновирањето се капитални инвестиции што не се финансираат од здравствената каса, туку од буџетот.
Со новите видови здравствено осигурување се размислува породилното боледување да премине во Министерството за труд и социјална политика, а на товар на буџетот на државата да биде и вештачкото оплодување, како и инсулинот. |