Бесплатните учебници заплеткани во бирократски лавиринти
Во Педагошката служба признаваат дека има проблем
Жаклина Хаџи-Зафирова
Четвртоодделенците и седмоодделенците можат од септември да останат без учебници ако издавачките куќи не ги добијат ракописите за печатење најдоцна до први август. Министерството за образование и наука се' уште не ги потпишало договорите со авторите на овие учебници, кои се чудат зошто надлежните воопшто не контактираат со нив. Според она што го кажуваат од ресорното Министерство, проектот за бесплатни учебници како да заглави во бирократските лавиринти. Педагошката служба, надлежна да одлучува за учебниците, проблемот го лоцира кај Второстепената комисија во Владата, од која чекаат да се изјасни за жалбите по учебниците од минатогодишниот конкурс.
Македонската Влада многу амбициозно му се посвети на проектот за бесплатни учебници. Едноставно, реши во услови на светска криза да им излезе во пресрет на потребите на учебниците, бидејќи така ветија претходно, иако нивните хрватски колеги, како една од мерките за кризата, најавија укинување на бесплатните учебници и на превозот за учениците.
За овој проект од буџетот ќе бидат одвоени една милијарда денари. Во училиштата ќе бидат дистрибуирани четири милиони учебници, а за тоа ќе бидат одговорни издавачките куќи на кои ќе им се откупи тиражот за веќе постојните учебници. Од издавачките куќи уверуваат дека до 1 септември основците и средношколците ќе ги добијат сите учебници, но не гарантираат за оние за четврто и за седмо одделение.
„Ако во Министерството склучат договори најдоцна до 1 август, верувам дека ќе успееме да ги лекторираме, уредиме и преведеме учебниците за четврто и за седмо одделение. Но, во спротивно сто она по 1 август ќе биде доцна“, објаснува Павле Петров, директор на „Просветно дело“, кое е одговорно за овие учебници. За другите, вели тој, нема проблем, бидејќи се печатат и се планираат од 1 август, да ги дистрибуираат во училиштата. Нивните учебници биле откупени по пониска цена од продажната.
Во Министерството се оптимисти за проектот. „Работиме со полна пареа да се реализира проектот. Се печатат учебниците и очекуваме се' да мине во најдобар ред. Што се однесува до договорите ��а учебниците за четврто и за седмо одделение, ќе го решиме и ова прашање“, уверува министерот за образование Никола Тодоров.
Но, дали тоа е така? Во Педагошката служба признаваат дека има проблем, бидејќи повеќе од една година чекаат одговор од Второстепената владина комисија, која се' уште одлучува по жалби од минатогодишниот конкурс. „Чекаме одговор од владината Второстепена комисија, која повеќе од една година одлучува по жалби во врска со конкурсот за учебници објавен лани во март. Не можеме да преземеме ништо конкретно додека не дојде одговорот од оваа Комисија“, објаснуваат во Педагошката служба, од каде што додаваат дека добиле уверување оти сето тоа би требало да се разреши до 1 август, до кога најверојатно ќе ги добијат одлуките по жалбите.
А, кога се јавивме во владината Комисија ни објаснија дека нејзините членови се на одмор и да ги побараме по 10 август.
Сепак, во најзагрозена позиција во целата оваа работа се авторите. Љубица Севдинска, авторка на учебник по македонски јазик за четврто одделение, се надева дека нивниот труд ќе го вреднуваат во Министерството и оти нема да ги потценат со цената за откуп на авторските права. Но, од Министерството се' уште не кажуваат која цена ќе им ја понудат на авторите, а не се расположени и официјално да ја објаснат причината зошто се доцни со печатењето на 500 илјади учебници за четврто и за седмо одделение? |