Нема трага од исчезнатото девојче од Дуње
Ангела Ѓорѓиеска (фото А1)
Web Update: Во МВР пријавени уште три случаи на исчезнати лица
ПРИЛЕП - Шестгодишното девојче Ангела Ѓорѓиеска завчера околу пладне исчезнало од родното село Дуње, без никаква трага. Семејството и полицијата два дена непрекинато вложуваат максимални напори да го пронајдат исчезнатото девојче, но засега без успех. Според Велика Стојкоска, тетка на девојчето, тоа последен пат е видено во друштво на неговата 20-годишна братучетка. Со братучетката отишло на гости кај пријатели во соседството. Девојчето излегло од куќата и се упатило во непознат правец. Никој не знае каде се наоѓа.
„Ќерка ми заминала кај соседите на гости. Ангела излегла зашто не сакала веќе да седи со ќерка ми. Постојано ја бараме, бевме и кај гробиштата, во полето, по нивите, во манастирот, ја бараме со татко и', со мајка и', сите роднини на сите страни. Од Ангела нема глас. Што ни се случи, каде ми отиде девојчето“, зборува низ солзи тетката Велика Стојкоска, крајно вознемирена поради исчезнувањето на внуката.
Семејството не сака да даде никаква изјава. Не сака да го коментира настанот очекувајќи дека полицијата ќе преземе мерки и брзо ќе го реши случајот. Екипи на прилепската полиција се наоѓаат во Дуње во потрага по девојчето.
Тетката Стојкоска додава дека мештаните на Дуње во еден момент слушнале плач на дете, други им рекле дека возило со тетовски регистарски таблички два дена доаѓало во селото, но не контактирале со никого. Постојат сомневања дека шестгодишното девојче можеби е грабнато. Истрага е во тек. (Мн.Т.)
Web Update
23:00, 25.07 - Засега нема никаква трага за тоа што се случило со малечкото девојче Ангела Георгиевска која последен пат е видена во дворот на роднини од селото. Освен полицијата, во организираната потрага се вклучени и родителите, родните и соселаните од Дуње. Во потрагата е ангажиран и хеликоптер на МВР.
Во меѓувреме, според денешниот полициски билтен, во МВР се пријавени уште три случаи на исчазнати лица: 15-годишно девојче од Скопје, 19-годишна девојка од село Пешталево,Прилеп и 67-годишен човек од село Крапа, Македонски Брод. Полицијата не соопштува повеќе детали освен дека се преземаат мерки за нивно ��ронаоѓање. (МИА) |