Десната рака на Ставрески - државен секретар во Финансии
Стојмановска стана позната откако медиумите открија дека членува во повеќе управни одбори, што беше посочено како конфликт на интереси
Наташа Стојмановска беше советник и еден од главните луѓе во Кабинетот на вицепремиерот
Александрија Стевковска
Владата за нов државен секретар во Министерството за финансии ја назначи Наташа Стојмановска, досегашен близок соработник на сегашниот министерот за финансии, Зоран Ставрески. Имено, Стојмановска беше советник во Кабинетот на Ставрески додека тој ја извршуваше функцијата вицепремиер за економски прашања.
Со оваа одлука, која веќе е објавена и во „Службен весник“, станува очигледно дека министерот за финансии може да ги менува функциите, но не и тимот со кој работи со години.
Местото државен секретар во Финансии е една од позначајните функции и во ресорот за финансии и, воопшто, во државата и тоа носи голема тежина и одговорност, која сега е во рацете на 33-годишната Стојмановска.
Пред да биде назначена на оваа висока државна функција, Стојмановска беше раководителка на Секторот за економски политики и регулаторни реформи и еден од главните луѓе во Кабинетот на Ставрески. Стојмановска има завршено Економски факултет во Скопје и пред да дојде во Кабинетот на Ставрески, има работено во Министерството за финансии.
Неодамна медиумите пишуваа за преголемата ангажираност и огромната кумулација на функции кај Стојмановска. Таа досега во неколку наврати беше посочена како класичен пример на личност за сублимација на функции, концентрација на моќ и конфликт на интереси. Имено, Стојмановска веќе беше посочувана дека членува во повеќе управни одбори, што значи дека има прилив на повеќе различни приходи, по што дури и се сметаше за рекордер. Врз основа на досегашниот преглед на владините одлуки, објавени во „Службен весник“, Наташа Стојмановска членуваше дури во пет управни одбори. Станува збор за Фондот за пензиско и инвалидиско осигурување, МАПАС, во Јавното претпријатие за аеродромски услуги, во „Лотарија на Македонија“ и во Институтот за стандардизација. Се' уште не е познато колку „тежат“ овие ангажмани на Стојмановска, но, според сознанијата, членувањето во ��екој од овие органи на управување не е помало од 100 евра месечно.
Со распослување на функциите и членувањата во одборите, Стојмановска доби пријава до Антикорупциската комисија на име непотизам. „Транспарентност нулта-корупција“ тогаш нагласи дека ваквата испреплетеност остава дилема за тоа кој го контролира работењето на јавните претпријатија, а кој управува со нив.
Пред назначувањето на Стојмановска, местото на државен секретар во Министерството за финансии беше испразнето речиси една година откако ексминистерот за финансии, Трајко Славески, ја разреши Снежана Милошевска-Костадинова од таа функција. Причината за нејзиното разрешување до денес остана необелоденета, но се шпекулираше дека е поради исплата на огромни хонорари за членување во комисии.
Во врска со смената на претходниот и именувањето на сегашниот државен секретар, од Финансии се со став дека „именувањата, како и разрешувањата на државните функционери се вршат врз основа на оцена како најдобро да се искористи расположливиот кадровски потенцијал и да се подобри ефикасноста на работењето на институциите и квалитетот на јавните услуги“.
Ексминистерот за финансии, Трајко Славески, пред неговото заминување изјави дека не можел комплетно да и' се посвети на функцијата министер за финансии, бидејќи требало да ја извршува и функцијата на државен секретар, одговорност која од него барала дополнителен напор. Токму трошењето на енергијата на организирање на службите во Министерството, работа која вообичено ја прави државниот секретар, според Славески, можеби била причина Груевски да се посомнева во лошата организација на Министерството. Токму оваа причина беше издвоена од Груевски, како клучна за разрешувањето на Славески. |