Во Карпош стартува третото „Културно лето“
Катерина Богоева
Со концерт на Тони Китановски и „Черкези оркестар“ и сликање во процес, на ликовната уметница Симонида Филипова-Китановска, вечерва, во 20.30 часот, во амфитеатарот на кејот на Вардар, ќе почне третото културно лето на скопската општина Карпош. До 15 септември на повеќе локации во општината од кои некои се и нови, планирано е одржување на 30 настани од кои: шест театарски претстави, 11 концерти од различни жанрови современа музика, два концерта на класична музика, шест изложби, еден ликовен хепенинг за деца, а ќе бидат прикажани и краткометражни филмови, но и документарни филмови со тема алпинизам.
Според Билјана Костова, член на општинската комисија за култура и на организацискиот одбор на манифестацијата, ова „Културно лето“ ќе чини два милиона денари, а се организира за презентација на дел од творештвото на уметниците што живеат во општината Карпош, но и на други автори.
Утревечер (сабота), на амфитеатарот на кејот, во исто време ќе биде одиграна театарската претставата „Чест“, а на 15 август, во Кинотека на Македонија, во 20.30 часот, ќе биде отворена изложба на сликарот Илија Кавкалески. Во 21 часот во ТЦ „Карпош 3“, концерт ќе одржи триото „Киселички“.
Годинава културната манифестација прв пат ќе се одржува на нови локации во општината: во Порта Влае, на платото кај Педагошката академија и во паркот на платото на трите факултета - ФЕИТ, МФЕС, ТМФ. Драмскиот театар, Кинотеката на Македонија и гимназијата „Никола Карев“ се алтернативните простори каде што во случај на дожд ќе се преселат планираните активности на отворено.
Од 17 август до 15 септември ќе бидат одржани концерти на Игор Фаре и Аутмајнд, на на квартетот „Омнија“, на групата „Инфјуз“, „Љубојна,“ а настап ќе имаат и Лилит Версус и Амон Мра, „Стрин Форсис“ и др. Ќе бидат одиграни театарските претстави „Дневникот на лудиот“, „Госпоѓа А“, „Спиноза“, „2012 - последните Македонци“ и „Се викам црвено“.
На 21 август, од 12 до 20 часот, во ТЦ „Карпош 3“ ќе се одржи дневен детски ликовен хепенинг, а ќе настапи и дуото „Либер танго“. На програмата е и промоција на книга на Миле Порјазов, скулпторски хепенинг со музика на платото кај Млечен ресторан, каде што неколкумина скулптори, меѓу кои и Андреј Митевски, Ведран Богдановски и Сергеј Дамовски, ќе изработуваат скулптури, а музичкиот дел ќе им припадне на „Тангоинг“ и на дуото „Пан“. |