Татковината на операта пред банкрот
„Моите музичари и јас сме многу вознемирени, бидејќи Италија заборава дека има културно наследство што треба да се негува. Белканто исчезна во Италија! Ниту една музичка институција не може да опстане без државна помош! Нашите политички институции немаат чувство за култура“.
Бруно Цагли, музички историчар и претседател на Академија ди Санта Сесилија, една од најстарите музички установи во светот, е загрижен. Покрај него, исто така, се загрижени диригентот Зубин Мехта од фирентинскиот фестивал „Маџио Фиорентино“, интендантот на миланската „Скала“, Стефан Лиснер, диригентот Рикардо Мути и многу други уметници и директори на театри.
Од изгласувањето на спорниот закон за реформа на музичките театри, во многу градови на Италија, на улиците излег��ваат бројни сценски работници, вработени во театрите, уметници и интенданти. Веќе со недели демонстрираат и штрајкуваат против тие одлуки. Многу настапи се откажани. Со тоа се погодени и летните фестивали низ Италија. Министерот за култура, Сандро Бонди, никако не може да ја сфати таа загриженост бидејќи смета дека со новите закони конечно ќе се стават во ред државните трошоци во областа на музиката. „Тука се обидов да започнам револуција. Државниот фонд за музички театри е намален. Со тоа би требало да биде поттикната самоиницијатива кај театрите. Потрага по спонзори и штедење. Само сакам да им помогнам на творците на културата“, изјави тој.
Намалувањето на трошоците за концертни сали и оперски театри е како помош. Државните трошоци годинава се намалени од 500 на 300 милиони евра годишно. Последица на тоа е пропаѓање на бројни театри, како на пример, театарот „Карло Феличе“ во Џенова. Поради недостиг на пари, театарот со 12 милиони долг, најверојатно ќе мора да се затвори. Еден дел од вработените веќе е отпуштен. Такви драстични мерки сега им се закануваат на другите театри бидејќи се наоѓаат во слични ситуации. Причината за долговите е што интендантите последниве години трошеа многу пари со надеж дека Министерството за култура, покраината или градовите ќе ги подмират сметките. Но, тоа не се случи.
И на фестивалите сега владее криза. За тоа зборува Винченцо де Виво, уметнички водител на Фестивалот „Перголеси“ во Јесиј. По повод 300-та годишнина од раѓањето на композиторот, беше планирано да се изведат многу дела на уметникот: „Тоа требаше да биде голем проект. Сите опери требаше да бидат изведени со најдобрите италијански и француски експерти за барок. Државата вети дека ќе ни даде пари, но сега не сака да плати. Поради тоа фестивалот е откажан, иако е многу важна годишнина“.
Позната е италијанската изрека, „Се прави поголем чекор отколку што е ногата“, што во превод би значело поголеми очи од желудникот. Токму тоа им се случи на многу директори на театри и фестивали во минатото. Тие планираа сезони, ангажираа уметници, режисери и музичари, како за фестивалот „Перголеси“, и се надеваа дека државата ќе ги намири долговите. Така, во многу театри се насобраа огромни долгови.
Министерот за култура Бонди сака, што можеби и не е погрешно, и интендантите и директорите на фестивалот, конечно, да научат правилно да управуваат со парите што им ги даваат на располагање државата, покраината или градот. Притоа заборава дека во многу случаи планирањето на добрата програма стана речиси невозможно, со оглед на тоа дека државните трошоци за сериозна музика се многу намалени. (Дојче веле) |