„Браќа Манаки“ отвора нова страница
На 31. издание Фестивалот својот фокус ќе го стави на едукацијата и на подигнување на професионалното ниво во сите аспекти во домашната кинематографија
Сунчица Уневска
Годинешниот 31. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кој оваа година ќе се одржи од 16 до 22 октомври, на некој симболичен начин ќе започне нова страница. По минатогодишното успешно издание, од оваа година фестивалот воведува повеќе новини, својот фокус го става на едукацијата и на младата публика, продолжува со поддршката за развој на сценарија и со носење експерти од оваа област, но се фокусира и на филмската критика, а ја отпочнува и соработката со својот партнер, операторот ВИП, која треба да вроди со нови идеи, со проширување на концепцијата и збогатување на програмата.
Ако лани беа хит семинарите и мастер-класите, оваа година сето тоа ќе поприми уште поголеми димензии. Имено, на ова издание се очекува доаѓање на повеќе класи студенти, што токму поради минатогодишните содржини самите пројавија интерес, и тоа од Израел, од Германија, од Софија, а ги очекуваме и студентите од Србија, кои беа и лани. Оваа година фестивалот очекува и уште поголем интерес од страна на нашите студенти, за кои оваа година ќе има голем број работилници, предавања, нови мастер-класи со годинешните добитници и интересно конципирани дебати.
Воведување детска програма
Акцентот на едукацијата што го најавија директорката Лабина Митевска и новиот партнер на фестивалот, операторот ВИП односно извршниот директор Никола Љушев, ќе вроди со воведување детска програма. Идејата е оваа програма, која на младите ќе им овозможи да ги видат филмовите во кино, да научат и да се запознаат воопшто со филмската уметност, да биде насочена и кон враќање на културата на одење в кино. Поразително е што новите генерации во некои градови од Македонија воопшто и не виделе кино. За жал, таква е ситуацијата и со „филмскиот град“ Битола, каде што со години цел фестивал се одржува во Центарот за култура. Последниве години, особено откако фестивалот беше преселен во Скопје, и Министерството за култура и градоначалникот на Битола, Владимир Талески, ветија дека ќе биде изградена барем една киносала, бидејќи стварно е срамота да одржувате фестивал со традиција од 30 години и да ги славите браќата Манаки и делото кое тие го започнале пред сто години, а да немате ниту една киносала. Но, ништо од ветувањето. Детската програма, која е предвидено да оди секој ден во утринските часови и да биде бесплатна, ќе биде скромниот придонес на „Браќа Манаки“ кој можеби ќе придонесе нешто да се помрдне од место.
Два конкурса за развој на сценарио
Годинава ќе има и два конкурса за сценарио во рамки на катчето насловено „Манаки скрипт корнер“. Освен конкурсот, кој се одржа и лани и кој е наменет за авторите од нашата земја и од странство, оваа година ќе има и конкурс за развој на сценарио наменет за македонските сценаристи, за кои грант од 3.000 евра ќе обезбеди Филмскиот фонд на Македонија. Веќе се отворени и двата конкурса за што заинтересираните можат да најдат подетални информации на сајтот на фестивалот www.manaki.com.mk .
Првиот т.н. странски конкурс ќе биде отворен до 20 август. Исто како и лани, на овој конкурс мора да се аплицира со сценарио, бидејќи избраните четири проекти потоа ќе бидат дел од дводневната работилница на фестивалот, каде ќе работат под менторство на реномиран европски скрипт-доктор. За овој конкурс имаше лани голем интерес, но пред се' на автори од странство. И оваа година проектите ќе ги избере стручно жири, а во Битола се очекува да пристигне еден од најдобрите европски скрипт-доктори Мартин Рабартс, кој е вклучен во повеќе програми за развој на сценарија, како на пример во Торонто, во програмата на Торино лаб, па на сараевската програма „Синелинк“ и други. А како и лани, овие четири избрани проекти еден ден ќе работат и со реномиран продуцент на продуцентскиот дел на нивните проекти, за што годинава е поканет Себастијан Делоу, продуцент кој има многу познати и наградувани филмови зад себе. Делоу и Рабартс ќе работат и на изборот на двете најдобри сценарија, што годинава ќе добијат 1.500 за првонаградениот и 1.000 евра за вториот.
Додека новиот конкурс кој „Браќа Манаки“ го организира заедно со Филмскиот фонд е наменет за развој на сценарија на македонските автори. За овој конкурс е нагласено дека ги повикува особено оние кои имаат завршено сценарио, но за конкурирање е доволно да се има синопсис. Овој конкурс е отворен до 1 октомври. Пријавените проекти ќе ги оценува, исто така, стручно жири, а добитникот ќе биде објавен за време на фестивалот и ќе добие 3.000 евра за развој на своето сценарио.
Работилници за кастинг и филмска критика
Од годинешните работилници ќе ја издвоиме таа за актери односно за подготовка на актерите како да дојдат до посакуваниот проект. Во Битола ќе дојде познатата кастинг-директорка Беатриче Кругер од Италија, која го има работено кастингот за речиси сите филма на Марко Белокио, потоа има соработувано со Спајк Ли, Кшиштоф Зануси, со Антон Корбиџн („Контрола“) на неговиот последен проект „Американ“. Таа ќе одржи работилница за тоа како се работи кастинг, како треба актерите да се подготват за кастинг, за работата со агентите, колку се важни фотографиите кои се испраќаат, односно за се' што кај нас се знае многу малку.
Во соработка со американската амбасада ќе се одржи и дводневна работилница и семинари за филмска критика со еден од американските експерти. Инаку, планирано е на „Браќа Манаки“ да има и тркалезна маса за филмска критика, на која ќе бидат поканети познати и искусни новинари и филмски критичари.
Претставување на филмски фестивали
Концептот на фестивалот, се разбира, останува ист. Тој е првенствено фокусиран на работата на директорите на фотографија, а и годинава во главната програма ќе бидат 12 филма. Тука се и Документарната програма и програмата која се воведе лани, „Нови визии“. Програмата на кратки филмови повторно е врзана со реномираниот фестивал „Клермон Феран“, а и оваа година ќе има тура ��а Европската филмска академија, во рамките на која ќе бидат прикажани кратките филмови кои ќе се борат за европската награда, а кои се бираат на 13 европски фестивали.
Имено, фестивалот и оваа година, како и лани ќе се обиде да ги покрие сите оние области на кои во нашата земја малку се работи односно малку с�� работи професионално. Особено во поглед на аплицирање во странски фондови, во поглед на развојот на сценарио и неминовната работа со скрипт-доктори, потоа секогаш скапоцените мастер-класи со гостите на фестивалот, а оваа година ќе имаме и предавање за кастинг и за филмска критика, која навистина е малку присутна, а уште помалку се негува. Оваа година наместо претставување фондови, што фестивалот го направи лани, ќе се обиде да ги претстави филмските фестивали, кои ни се блиски како концепција и кои се клучни за развојот и за соработката на фестивалите во регионот и пошироко. Програмата на фестивалот ќе биде објавена во септември. |