Нова книга од Џепароски во издание на „Дијалог”
„Став и суштина” е новиот наслов од познатиот македонски естетичар, критичар и филозоф Иван Џепароски што го објави деновиве Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ од Скопје.
Во деветте поглавја од книгата се објавени 27 студии посветени на состојбите, спецификите и вредностите на книжевната критика денес.
Според издавачот, „Став и суштина“ ги расветлува теориските аспекти на критиката, но, едновремено, преку конкретни критички анализи ги растајнува световите на литературата и на уметноста. Говорот за уметноста и критиката во транзиција, за есејот како филозофија и како критика, за релациите критика-книжевност, критика-култура и критика-естетика, но, пред се', пристапувањето кон критиката како кон дијалог со авторот, делото и публиката, е темелната вредност на ова иновативно остварување.
Во предговорот на книгата се истакнува дека не случајно делото ја има одредбата „можностите на критиката“ во својот поднаслов, зашто оваа книга во целина е посветена на можностите на критиката и на критичката дејност, при што основните ставови се однесуваат на местото, улогата и функцијата на книжевната критика.
Иван Џепароски е автор на единаесет книги од областа на естетиката и на културната теорија, како и на четири поетски книги. Добитник е на наградите „Млад борец”, „Димитар Митрев” и „Парадигма”. Предава естетика и теорија на културата на Филозофскиот факултет во Скопје. (Н.П.) |