Иновативноста не' стави на светска листа
Иванка Соколова е горда зашто проектот на радовишката библиотека е меѓу 12-те најкреативни
Катерина Богоева
Општинската народна библиотека „Браќа Миладиновци“ од Радовиш годинава е седма на светската листа од избраните 12 проекти на Комисијата за иновативни програми за јавни библиотеки (Public Library Innovation program). За својот проект „Креативни умови креираат можности за работа“ е наградена во конкуренција од 324 пристигнати апликации од 49 земји, кои понудиле свои иновативни идеи што ја воведуваат новата технологија во својата работа. Иванка Соколова, координаторка на библиотечните проекти во библиотеката, деновиве со задоволство говореше за содржината проектот со чие практично реализирање оваа институција се приближува до локалната заедница и ја продлабочува својата соработка со локалните власти, бизнис-секторот и невладините организации
„еИФЛ (Electroniv Information for Library) е непрофитна невладина организација што соработува со библиотеките од цел свет, овозможувајќи им пристап до висококвалитетни дигитални информации. Своите активности ги реализира преку разни програми, а една од нив е и иновативната програмата за јавни библиотеки – ПЛИП(PLIP), која има цел да ги поттикне иновативните услуги на библиотеките, преку употреба на информатичката технологија и Интернет, да се подобри квалитетот на живеење на луѓето, особено на маргинализираните групи.
Кон крајот на 2009 година беше објавен повик за аплицирање на сите библиотеки од светот од земјите во развој, да понудат свои иновативни идеи со кои конкурираа за грант од 30.000 американски долари. Овој повик беше голем предизвик за нас, затоа пристапивме кон анализа на проблемите на кои моментно можеме најдобро и најквалитетно да одговориме. Имајќи ја предвид се' поизразената невработеност, (особено последните две години, како резултат на економската криза), како и стратегискиот план 2007-2011 на општините Радовиш и Конче за нејзино намалување, а согледувајќи ги и се' поизразените потреби на невработените, кои се се' почести корисници на библиотеката (особено во барањето на информации за работа), сфативме дека тоа би било одлична идеја што можеме да ја развиеме и со неа да аплицираме. Затоа во соработка со женската невладина организација „Женска акција“ и со граѓанскиот креативен центар „Креа“ направивме истражување на потребите на невработените лица на возраст од 18 до 40 години. Резултатите покажаа дека недостигот од основни компјутерски вештини и недостигот на финансиски средства за покривање на дополнителните тренинзи, обично, се причина за неконкурентност на луѓето на пазарот на трудот“.
Соколoва укажува и дека официјалниот образовен систем во Македонија се' уште не им нуди на младите луѓе знаење како да бидат иновативни и да го покажат сопствениот потенцијал на најдобар начин при аплицирањето за работна позиција во компаниите. „Дури 83 проценти од испитаниците не знаат како да подготват CV, како да напишaт мотивациско писмо и како да се претстават на интервју. Оттука целта на проектот е да ги поддржи невработените од општина Радовиш во подобрувањето на нивните вештини, со цел подобро да ги препознаат можностите за работа. Библиотеката се обидува да поттикне проактивен пристап на младите луѓе во потрага и создавање можности за работа преку курс за основни компјутерски вештини, интерактивни обуки за аплицирање на работно место, креирање веб-страница за невработени во рамките на постојната страница на библиотека. Со него се опфатени најмалку 60 невработени лица од општината, на возраст од 20 до 40 години“.
На влегувањето на библиотеката во спомнатата светска листа и' претходел успешно реализираниот проект во 2006 година, „Пријателски библиотеки за сите граѓани“.
„Со тој проект библиотеката беше реконструирана и модернизирана, со што означи ново поглавје во својот развој. Новиот простор и' овозможи зголемување на ресурсите во работата и отвори простор за развивање нови идеи и воведување нови услуги. Повикот за аплицирање преку ПЛИП-програмата се совпадна со новата стратегиска политика на библиотеката, која имаше цел предностите што ги нуди ИТ-технологијата да им ги стави на располагање на граѓаните поради ��одобрување на пристапот до знаењето, кој е од суштинско значење за образованието и науката, за подобрување на квалитетот на живеење и создавање човечки капитал од што зависи развојот на општеството“.
Првиот дел од активностите на проектот „Креативни умови креираат можности за работа“ треба да биде реализиран до април 2011 година, но доколку биде добро имплементиран библиотеката ќе биде поканета да им помогне на други библиотеки во светот каде што идејата ќе се реплицира.
„Во текот на третата година од сите грантисти ќе се избере најдобриот проект што ќе биде награден со 1.000 американски долари, со што библиотеката и градот во кој таа се наоѓа ќе бидат промовирани низ светот. „Се трудиме добро да го реализираме нашиот проект, бидејќи ни е дадено големо значење со изборот меѓу најдобрите. Сиромаштијата е проблем со кој се соочува светот, а иако ние не можеме да помогнеме финансиски, можеме преку разни грантови да бараме финансии за да обезбедиме програми преку кои барем малку ќе го ублажиме овој сериозен проблем, присутен и во нашите локални заедници“.
Прашана за досегашните реакции на локалните власти на спроведуваните активности, Соколова рече: „Иако секогаш при подготвувањето на предлог-проекти добиваме поддршка од општината, сепак, мислам дека ни оддалеку не може да се насети улогата што може да ја има библиотеката. И локалните власти и другите структури во државата мора да разберат дека библиотеките треба да ги стават над политичките интереси и интриги за да има успех, ако сакаме барем малку да се приближиме до развиените земји што ги унапредиле своите услуги, одговарајќи на предизвикот на новото време. Традиционалната улога на библиотеките полека се напушта и за да фатиме чекор напред мораме да размислуваме и на потенцијалот што се вработува во нив, на нивната континуирана едукација, што треба да е движечка сила во развивањето нови програми и идеи.
Пре��видената веб-страница на невработените треба да им нуди информации и интересни содржини, од активни огласи до бази на работодавци, линкови што ќе ги поврзуваат со одредени сервиси што веќе ги имаат развиено формите на онлајн- аплицирање. „Содржините што ќе ги понуди веб-страницата ќе им го олеснат пристапот на невработените до потребните информации. Планираме нејзина промоција во средината на февруари на која ќе бидат поканети посетителите на обуките и претставници од сите библиотеки од Македонија, кои ќе имаат можност да се запознаат со нашата иновативна идеја, со надеж дека и тие ќе ја реплицираат“. |