Гонкуровата награда за контроверзниот Уелбек
Познатиот писател Мишел Уелбек ја доби престижната француска книжевна награда „Гонкур“ за 2010, за романот „La Carte et le Territoire“. Оваа награда, која се доделува цели 107 години, годинава ја освои бестселерот на еден од најпознатите француски писатели односно приказната за еден уметник-мизантроп и неговиот пријател, славниот писател Уелбек, кој станува жртва на сурово злосторство. Всушност, „La Carte et le Territoire“ е сатира за парискиот уметнички свет и светот на славните поточно приказна за уметникот Јед Мартин, кој глобално се прославил фотографирајќи ги старите мапи на „Мишелин“.
Уелбек, кој веќе два пати беше номиниран за оваа награда во 1998 и во 2005 година и за кој се веруваше дека и оваа година ќе извиси, изјави дека се чувствува чудно, но дека сепак е среќен. „Многу луѓе во Франција ја следат современата книжевност само благодарејќи на наградата ’Гонкур‘, па затоа мислам дека е многу корисна“, додаде Уелбек, кој се смета за контроверзен автор, чии романи често ги следеа обвинувања за непристојност и поттикнување на расна и верска омраза, а во поглед на последниот роман и за плагијат.
Светска слава на Уелбек му донесе романот од 1994 „Проширување на подрачјето на борба“, а по четири години го објави „Елементарни честички“, кој беше преведен на повеќе од 25 јазици. По него следуваа: „Ланзароте и други текстови“, „Платформа“ и „Можности на островот“. Неговите романи често умееја да ја поделат публиката и критиката, поради провокативноста и поради мрачните приказни често полни со сексуални алузии.
Наградениот роман пак, доби доста позитивни критики (освен во „Ла Република“, каде што италијанскиот член на жирито напиша дека Уелбек има хроничен недостаток на фантазија) и се искачи високо на француските книжевни топ-листи. „Либерасион“ го нарече ремек-дело, додека „Монд“ напиша дека му недостига длабочина, иако е напишан во добар стил. Генерално, критиката го оцени како помалку мизантропски од претходните четири негови романи, кој го карактеризираат духовити забелешки за стварниот живот на многу познати личности. Добитникот на наградата добива и симболичен чек од само десет евра, но факт е дека оваа награда му гарантира зголемена продажба односно просечен тираж од 400 илјади примероци. (С.У.) |