Голема турнеја на Македонскиот балет во Италија
Од 27 ноември до 31 јануари Македонскиот балет со претставите „Заспаната убавица“, „Оревокршачка“ и „Лебедово езеро“ ќе има 49 настапи во триесетина града
Невена Поповска
Од 27 ноември до 31 јануари Македонскиот балет ќе биде на турнеја во Италија, каде со претставите: „Заспаната убавица“, „Оревокршачка“ и „Лебедово езеро“ ќе има 49 настапи во триесетина градови. Гостувањето го организира и финансира Балетската академија од Милано, каде што Балетот на Македонија пролетта имаше успешно претставување.
„Ова е предизвик за сите нас, посебно за мене како уметнички директор, рече на вчерашната средба со новинарите, директорот на Балетот Кире Павлов и продолжи: „По враќањето од Италија, не очекувавме дека ќе имаме ваков одѕив и дека повторно ќе бидеме поканети да гостуваме. Четириесет и девет претстави и турнеја која ќе трае 67 дена би ја направиле само светски театри кои располагаат со голем кадар и потенцијал и тоа не само во ансамблот, туку и во солистичкиот дел.“
Осврнувајќи се на успешниот пролетен настап, Павлов потенцираше дека „не очекувал дека некој што до март – април, годинава, не слушнал за Македонија, да пројави интерес за повторен настап. А тоа им се случило во Милано, каде што немале идеја дека во Македонија постои национален балет над 60 години, а со оваа турнеја повторно ќе гостуваат во Милано. И затоа е предизвик да го направиме тоа што не се случило во нашата институција или во нашата држава“, потенцираше Павлов.
„Заспаната убавица“ е проект на Балетот за 2011 година, но ансамблот ја подготви предвреме поради турнејата во Италија, каде што ќе биде премиерно изведена. Павлов истакна дека станува збор за три балетски претстави кои се најтешките од класичниот репертоар. Претставите ќе ги играат првенците на македонскиот балетски ансамбл и солистите, а во 49 изведби нив ќе ги надополнат и 15 танчари од Италија.
Катарина Калвино од Балетската академија во Милано искажа задоволство од соработката со Македонската опера и балет, нагласувајќи го нејзиното значење и во продлабочувањето на односите на двете земји во областа на културата.
„Првото искуство го имавме пролетва кога настапувавме како дел од македонскиот ансамбл заедно со солистите од Берлинската опера и балет и тоа беше тест за да видиме дали може Балетот да направи голема соработка, да ги посети сите овие градови и да има 49 претстави“, рече Калвино.
Директорот на Балетот Павлов информираше дека претстојната зимска турнеја му отвора врати на Балетот и за други гостувања за што веќе биле направени контакти со некои менаџери, а најави турнеи во Германија и Португалија, како и уште едно гостување во Италија во јули/август со десетина изведби на балетот „Дон Кихот“. |