Златото најатрактивно за арамиите
ГОСТИВАР - Златен накит (ѓердани, лири и други вредни предмети) во вредност од над 56.000 евра се украдени минатата недела во Гостивар и во околните села.
Aрамиите завчеравечер на улицата „ЈНА“ во Гостивар, провалиле во куќата на 47-годишниот Р.С. додека домашните биле на гости кај блиски роднини. Неканетите гости влегле преку помошна врата и од плакар во дневната соба украле повеќе парчиња разновиден златен накит, кои биле во најлонско ќесе скриено меѓу облеката. Вкупната штета изнесува околу 17.000 евра. Со богатиот плен крадците незабележани успеале да ја напуштат куќата од предната страна.
Минатиот петок крадци провалиле во куќа во гостиварското село Здуње. Според полицијата, арамиите знаејќи дека во куќата нема никој, насилно ја отвориле влезната врата, влегле во куќата и извршиле детален претрес. Потоа заминале со богат плен - златен накит, комплет „сваровски“ и часовник „ролекс“. Вкупната вредност на украдениот златен накит изнесувала околу 36.000 евра. (К.К.) |