Тензија и расправии на судењето на Бучковски
Обвинетите за „тенковските делови“ побараа изземање на судијката Дијана Груевска
Љубиша Станковиќ
Во нервозна и тензична атмосфера помина и вчерашното судско рочиште за „тенковските делови“, случај во кој како првообвинет се јавува поранешниот премиер и сегашен пратеник Владо Бучковски. Одбраната незадоволна од одлуката да продолжи судењето, и покрај отсуството на еден од обвинетите, побара изземање на судијката Диана Груевска-Илиевска. Повеќе од еден и пол час петтемина обвинети во случајот „резервни тенковски делови“ и нивните бранители чекаа на одлуката на претседателката на скопскиот Кривичен суд, Лидија Неделкова. Со оглед на тоа дека таа не донесе одлуката, судењето се одложи за утре. Дали истиот совет ќе постапува на продолжението на овој судски процес или ќе дојде до замена, ќе се знае веќе денеска.
Судењето започна во мирен тон се' додека бранителот на петообвинетиот Митре Петковски рече дека неговиот штитеник бил хоспитализиран поради нарушена здравствена состојба. Отсуството на обвинетиот Петковски не беше пречка за судијката да донесе решение за распит на обвинетите. На тоа реагираа сите адвокати и обвинетите. Скопскиот адвокат Драган Георгиев јавно го прочита членот 344 од Законот кривична постапка, кој се однесува на незадолжително присуство на обвинето лице, но при изрекување на пресуда.
На страната на бранителите застана и јавниот обвинител, кој се согласи дека „нема услови за одржување претрес, но доколку судот реши поинаку, ќе стори суштествена повреда на постапката“. По ваквиот став на обвинителот, судот одлучи да се повлече и да размисли за одлуката. Но, по паузата беше донесена идентична одлука, со таа разлика што членот 344 беше заменет со членот 334, што беше објаснето како „техничка грешка“.
Адвокатот Трајче Китановски во свое име и во името на сите негови колеги побара изземање на советот со кој раководи судијката Дијана Груевска-Илиевска. Во образложението на ваквото барање Китановски кажа: „Овој Совет не е непристрасен, а одбраната нема никаков друг одговор за неговото чудно однесување“ и дека не е испочитувано мислењето и на јавниот обвинител, а потоа се влечеле потези што се погрешни и правно неосновани и на тој начин се крши законот.
„Судот си дозволува да крши императивни законски одредби и бранителите не можат да очекуваат квалитетна одлука“, рече адвокатот Трајче Китановски и додаде дека најдобро ќе биде судијката Дијана Груевска-Илиевска повеќе да не го води овој судски процес.
„Се покажа она што во своите извештаи го напишаа и оние што внимателно ги следат состојбите, Белата куќа и Стејт департментот, дека не Груевски, туку Маневски ги знае вистинските броеви и адреси на кои може да изврши упад во независната судска власт“, изјави вчера Владо Бучковски пред судот. Неговиот адвокат Никола Поленак најави дека се разгледува можноста за поднесување барање за утврдување нестручност и несовесност на судијката. |