На Борисов му накалемија живковистички ставови
Коалицискиот партнер и поранешен премиер му налепи вербален деликт на актуелниот премиер
БРИСЕЛ - Сојузник во бугарската малцинска влада се закани дека ќе ја повлече својата поддршка, критикувајќи ја изјавата на премиерот Бојко Борисов во која го фалеше поранешниот комунистички диктатор Тодор Живков.
„Ние сме на чекор од тоа да станеме непријател на власта“, вели поранешниот премиер Иван Костов, кој сега е лидер на Демократи за силна Бугарија. Малата централно-десничарска партија нема министри во владата на Борисов, но го поддржуваше премиерот откако тој ја презеде оваа функција во јули 2009 година.
Меѓутоа, Костов стана се' покритичен во однос на економските потези на Борисов и на она што тој го гледа како страв од имплементирање на реформите во здравствениот и во пензискиот систем и државната администрација.
Борисов неодамна јавно кажа дека би било огромен успех за секоја влада да изгради еден процент од она што го изгради Тодор Живков за Бугарија... и да го постигне економскиот раст за земјата од тоа време“. Борисов, поранешен полицаец и телохранител, беше сопственик на компанија што ја осигуруваше безбедноста на Живков од годината кога тој беше принуден да се повлече во 1989 година, па се' до неговата смрт во 1998 година. Голем број Бугари прават паралели меѓу простите манири на овие двајца, народскиот стил и секојдневниот јазик. „Фактот дека 20 години по падот на Живков од власта, никој не го заборавил, покажува дека многу работи биле постигнати“, изјави Борисов. „Исто така, факт е дека веќе 20 години го приватизиравме она што било изградено во тоа време“.
„Оваа рехабилитација на Живков, лично од страна на бугарскиот премиер, е единствена во историјата на нашата болна транзиција од комунизам во демократија“, изјави Костов на средбата на неговата партија. „Тоа е навреда за сите бугарски демократи“. Тој апелираше до Европската народна партија (ЕПП), чиј член е ГЕРБ, партијата на Борисов, да обрне внимание на неговата изјава. Веднаш немаше реакција од ЕПП.
ГЕРБ има освоено 117 места во 240-члениот еднодомен парламент, Атака 21, а партијата на Костов 14 места. Можното преминување на Костов веднаш нема да го лиши Борисов од мнозинство во парламентот, меѓутоа, ќе го направи да биде целосно зависен од енергичната националистичка и ксенофобична партија Атака. Атака неодамна се закани дека ќе ја напушти власта откако ГЕРБ одби да го поддржи нивниот предлог во парламентот за одржување на референдум за кандидатурата на Турција во ЕУ.
Живков ја претвори Бугарија во најлојалниот сојузник на Советите за време на студената војна. Тој владееше со челична тупаница цели 35 години додека не беше симнат со внатрешен партиски пуч на 10 ноември 1989 година. Тој ја остави земјата со распадната економија од советски стил и надворешен долг од 10 милијарди американски долари, по што Бугарија не можеше да ги исполни обврските кратко време откако тој беше соборен. Беа потребни повеќе од десет години за неговиот народ да се промени, реструктуира и да отплати најголем дел од тие обврски. (ВАЦ ЕУ обсервер) |