Атинските студенти се забарикадираа во Политехнио
Во Студентскиот град во Атина беа очекувани протести кои требаше под контрола да ги држат 7.000 полицајци, откако на 11 ноември студентите најавија жешка есен
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Седум илјади припадници на специјалните полициски сили ја штитеа Атина од граѓаните што излегоа вчера да ја прослават 37-годишнината од Политехнио и борбата против фашизмот и диктатурата на воената хунда. Годинава безбедносните мерки во Солун и во Атина беа дополнително засилени поради стравот од многу поголема излезност на протестите оваа година поради незадоволството од целосната економска ситуација во државата. Страстите на граѓаните се очекуваше дополнително да се вжештат откако во почетокот на неделата Евростат објави информации дека Грција не успеала да го намали долгот како што планирала, со што сега ќе биде потребно да се закрпат уште дупки за да се најдат уште 4 милијарди евра за покривање на долгот во наредните месеци. Дополнителен удар на Грција зададе и информацијата дека неколку часа пред протестот дека е можно еден месец да доцни и исплатата на третата рата од кредитот од ММФ и Европската банка.
Работите во Атина се одвиваа најнормално се' до два часот попладне кога беше затворен целиот центар на градот, затворени беа неколку метростаници, сообраќајот пренасочен, полициските сили распределени низ поголемите улици во центарот, а постојано се слушаше и звукот на полицискиот хеликоптер, кој го следеше развојот на настаните. Вратите на Политехничкиот факултет, кој овие три дена беше деноноќно отворен за јавноста беа затворени точно во два часот со почетокот на протестот. Во изминатите три дена огромен број граѓани дојдоа да положат цвеќе во дворот на факултетот за почит на студентите пред 37 студентите се кренаа против воената диктатура, која цели седум години владееше во Грција. Покрај граѓаните својата почит за Политехнио ја оддадоа речиси сите високи политички функционери, претседателот на државата Карлос Папуљас и премиерот Јоргос Папандреу.
Во текот на денот беа закажани неколку протести од различни политички групи од левицата, како и од анархистичките здруженија. Главниот протест, сепак, имаше цел да дојде пред американската амбасада, бидејќи како што коментираа граѓаните тогашниот бунт поради диктатурата бил и бунт кон НАТО и американското влијание на државата.
Секој од граѓаните беше дојден со своја цел. Некои во сеќавање на еден од најзначајните настани во грчката историја, други за да го продолжат она што тогаш го започнале граѓаните како бунт против кршењето на основните човекови права, а денес е бунт кон антинародната политика на сегашната, но и претходната грчка влада. „Ако за денот на прославата на падот на воената диктатура и победата на народот треба да има 7.000 полицајци и се стопира животот во центарот на градот како да се спремаме за војна, тогаш изгледа дека сме на погрешна прослава. Не знам дали вака слават демократски држави или вака се славело тогаш во времето на хундата?“, коментира 30-годишниот Ставрос.
Некои од граѓаните велат дека се' уште на протестите излегуваат оние што се' со посилни партиски убедувања отколку обичните граѓани, кои не се определени за ниедна партиска опција. „Видете, дел од оние што тогаш се бореле против диктатурата денес се на министерски места. Го одбележувам денот и напорот да се застане против секое газење на основните права. Меѓутоа, треба да се запрашаме ако тогаш се бореа против фашизмот, зошто денес дозволуваме да ни се случуваат работи како омраза кон луѓе со други верски убедувања, имигрантите... Работите сега, и не само економската криза, ми се чини дека се комплицирани на повеќе различни ниво оттогаш“, вели 22-годишниот Димитрис, студент на еден од атинските факултети.
Во вторникот, еден ден пред големиот протест, дојде до мал инцидент во дворот на политехничкиот факултет меѓу членовите на подмладокот на ПАСОК и комунистичката ККЕ. Имено додека студенти од подмладокот на ПАСОК положуваа цвеќе и венец на споменикот на пандатите жртви во Политехнио неколку членови на подмладокот на ККЕ почнаа да фрлаат со шишиња по нив. Посериозен инцидент и размена на тупаници меѓу членовите на овие две групи имаше вчера во Солун напладне пред тамошниот Политехнички факултет при Универзитетот „Аристотел“.
|