Индиски авион паднал зашто пилотот заспал
Во мај загинаа 158 патници на „Ер Индија“ зашто српскиот пилот не можел да се одржи во будна состојба
Истрагата за авионската несреќа на индиската авиокомпанија „Ер Индија“, кој леташе на релација Дубаи - Мангалор, и се урна при слетувањето на 22 мај, при што загинаа 158 патници, покажа дека пилотот спиел за време на летот и дека бил дезориентиран при слетувањето, објави денес индискиот печат. „Хиндустан тајмс“ објави дека истражниот суд, кој го одреди индиската влада за спроведување на истрагата, заклучил дека пилотот Златко Глушица, инаку од Србија, спиел повеќе од половина од патот и дека бил дезориентиран и со успорени рефлекси при приземјувањето на авионот на аеродромот во Мангалор, на југот од Индија, пренесоа агенциите.
Американската агенција АП објави дека еден владин официјален претставник, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на темата, го потврдил пишувањето на весникот и нагласил дека извештајот за истрагата ќе биде обелоденет дури откако ќе биде претставен во индискиот парламент. Изворот тврди дека пилотот, капетан Златко Глушица, на тој лет спиел повеќе од 90 минути и додаде дека пилотот предоцна сфатил оти авионот се наоѓа на поголема висина од дозволената. На аудиоснимката се слуша како копилотот, капетанот Ахлували, три пати му вели на Златко Глушица да направи уште еден круг, бидејќи авионот не можел да слета. Се дознава дека пилотот се бидел да го крене авионот, но било премногу доцна.
Со анализа на гласовите од пилотската кабина е утврдено дека за време на летот во кокпитот е забележано „силно ’рчење и длабоко дишење“. Истражителите велат дека ова е редок случај кога воопшто е забележано такво силно ’рчење од пилотската кабина, наведува „Хиндустан тајмс“. Истрагата ја водеше шестчлена комисија, која покрај другото, ги анализираше и дигиталните информации што се бележат за време на летот и снимка на разговорот во пилотската кабина, кои се пронајдени на местото на несреќата. Некои експерти сметаат дека Глушица страдал од нарушување наречено „инерција на спиење“ при што лицето е тешко да се одржи во будна состојба. Тоа беше најтешка авионска несреќа по 1996 година кога во судир на два авиона над Њу Делхи загинаа речиси 350 луѓе. (Блиц)
|