Ромпуј: Еврозоната се бори за опстанок
Претседателот на ЕУ предупреди дека од еврото зависи дали ќе преживее и ЕУ
БРИСЕЛ - Претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпуј, предупреди дека еврозоната и Европската унија се борат за живот како резултат на тековните должнички шокови на одредени држави, најнов случај во Ирска и во Португалија. „Ние се наоѓаме во криза за опстанок“, изјави претседателот на настанот во Истражувачкиот центар во Брисел во вторникот изутрина пред средбата на министрите за финансии од земјите што го користат еврото како своја валута, каде што се очекуваше дека ќе ги сослушаат Ирска и Португалија околу состојбата на државните финансии.
Ван Ромпуј предупреди дека ако еврозоната не преживее, нема да преживее ниту ЕУ. „Сите ние треба заедно да работиме, со цел да се преживее во еврозоната, бидејќи ако не преживееме со еврозоната нема да преживееме ни со ЕУ. Меѓутоа, јас сум убеден дека ние ќе го надминеме ова“, изјави тој.
Комесарот на ЕУ за економски прашања, Оли Рен, подоцна пред новинарите изјави дека Ирска е во разговори со Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд околу нејзината тековна должничка криза. „Комисијата, заедно со ЕЦБ и ММФ, соработува со ирските власти, со цел да се надминат сериозните проблеми во ирскиот банкарски сектор“, додаде тој. „Очекувам дека министрите за финансии од еврогрупата ќе го поддржат овој проект“, додаде тој, нагласувајќи дека финансиите на Ирска инаку се цврсти за уште два квартала: ирскиот долг е добро финансиран до средината на следната година“. Тој ги предупреди новинарите да не ја мешаат ситуацијата во Ирска со онаа во Португалија и во Шпанија. „Ирска е многу поинаков случај“, додаде тој.
Двете ибериски држави го зголемуваа притисокот врз Ирска да пристапи кон ЕУ-фондот за санација. Мадрид и Лисабон се загрижени дека тековната несигурност околу тоа дали Ирска ќе може да ги исполнува обврските од нејзините долгови, става непотребен зголемен притисок врз цените на шпанските и португалските зајмувања, туркајќи ги во слична ситуација. Ако Ирска му пристапи на фондот тие веруваат дека несигурноста би била отстранета, намалувајќи ги трошоците за зајмувањата.
Шпанскиот министер за економија, Елена Салгадо, во вторникот изјави дека санацијата на Ирска можеби нема да биде нужно да се случи, што ќе зависи од тоа што ирскиот министер за финансии ќе им каже на своите колеги во Брисел. „Во никој случај тоа нема да се смета како неизбежна ситуација. Еврогрупата треба вечерва да го разгледа тоа. Прва работа што ќе ја направи еврогрупата е тоа што ќе ги ислуша размислувањата на Ирска и потоа ќе дебатира по нив“, изјави таа во шпанскиот парламент.
Ирскиот министер за Европа, Дик Роше, во меѓувреме негираше оти му кажал на некој новинар дека објавата на планот за санација на Ирска требаше да биде направена вчера. Во другите информации Австрија соопшти дека ќе ја блокира другата транша од готовината за Грција, откако податоци на ЕУ објавени во понеделникот открија дека Атина направила многу поголем буџетски дефицит и нивоа на јавен долг отколку што земјата претходно процени. Ревизијата на ЕУ покажа дека грчкиот владин буџетски дефицит за 2009 година изнесувал 15,4 проценти од БДП, што е забележително зголемување од претходната процена за 13,6 проценти од страна на Атина. „Статистичките податоци не даваат причина за давање пари од австриска гледна точка“, изјави лидерот на конзервативната Народна партија и министер за финансии, Јозеф Проел. Тој објасни дека Грција повеќе не ги исполнува условите за користење на 190 милиони евра во кредити што Австрија, инаку, би требало да ги даде како дел од 110 милијарди евра вредниот пакет за санација од ЕУ, ММФ и од ЕЦБ за земјата договорени во мај годинава.
Некои економисти не се толку сигурни дека ЕУ ќе ја „надмине“ финансиската криза како што верува Ромпуј. „Во краток рок ниту една земја нема да го напушти еврото. Меѓутоа, според подолгото сценарио, за период од 15 до 20 години, можеби ќе бидеме сведоци на друга ЕУ и друга валутна зона. Мислам дека името ’евро‘ ќе треба да биде променето“, изјави Кристоф Веил, постар економист во Комерцбанк во Франкфурт. „Дивергенцијата во еврообласта е многу силна и од една страна забележуваме силно закрепнување во Германија и слични земји, и рецесија или стагнација во периферните земји. Овој феномен ќе продолжи и во 2011 година и ова значи дека тензиите дополнително ќе се затегнуваат и ќе биде многу тешко (за Европската централна банка) да води правилна монетарна политика: за Германија политиката ќе биде премногу експанзивна, а за периферните земји таа ќе биде премногу рестриктивна. Не гледам начин ова да се промени“. (ЕУ обсервер)
|