Охрид ги полни капацитетите
Се очекува богата туристичка жетва
Веле Митаноски
ОХРИД - Првиот јулски ден Охрид го пречекува со релативна пополнетост на многубројните сместувачки капацитети и тоа, главно, со странски гости, потоа со метереолошки нестабилно време, се' уште студена вода за капење во езерото и со помалку зовриена атмосфера за прашањето: колку е градот скап и компаративен во однос на соседството?
Вечната кавга на охриѓани и скопјани дека првите „ренде немет“, а вторите - им го поскапуваат пазарот и гостите им ги одвлекуваат во Грција, ќе потрае. Најважно од се' е дека на прагот од туристичката сезона поголемиот дел од хотелските капацитети на охридската ривиера се исполнети со над 60 проценти, а некои и целосно.
Во главната туристичка сезона Охрид влезе со наплив од странски туристи, можеби најголем во последниве две децении, од кои најмногубројни се традиционалните гости од Холандија. Холанѓаните заедно со Финците се најмногубројни во хотелскиот комплекс „Метропол - Белви“, каде што капацитетите се речиси целосно исполнети. Речиси и нема викенд таму да не дојдат и поголеми групи од Грција, што е практичен демант на тврдењето дека Охрид не е конкурентен со Грција.
Пристојно е исполнет и капацитетот на хотелот „Милениум“, на самиот езерски кеј во градот и на само 10-ина минути пеш од плоштадот. И овде доминираат Холанѓаните и Финците. Оттаму информираат дека годинава како никогаш порано на два-три дена организирано и во континуитет, доаѓаат и туристи од Турција. Во „Милениум“ очекуваат и поголема група гости од Хрватска.
„Силекс“ оваа сезона реновиран ги дочека и првите годишноодморци. Холанѓаните одмораат и таму, а слободни места за во јули, како што најавува менаџерот Тоше Чочороски, ќе нема.
„Судејќи според сегашната состојба кај нас, во јули најверојатно и ќе нема слободно место. Гостите можат да уживаат во нашиот реновиран хотел, а останува уште да го изградиме и конгресниот центар кој ќе ни донесе дополнителен број туристи, но и гости од внатрешноста, кои се наши верни посетители“, вели Чочороски.
Хотелиерите од Охрид и од Струга на два дена пред почетокот на главната туристичка сезона потпишаа нов тригодишен договор за фиксен закуп на аранжмани за сезоните 2012, 2013 и 2014 година, со холандскиот туроператор „Корендон интернешнал“. Тоа значи дека гостите биле задоволни од досегашниот престој, за што е потврда воведениот четврти, неделен чартер-лет. Туроператорот најавува најмалку 10 илјади гости годишно.
Дончо Танески, претседател на Здружението на хотелиерите на Македонија - ХОТАМ, оценува дека договорот е последица на понудата за квалитетен туристички производ и пристојни цени. „Бенефитот не е само за Охрид и за Струга, туку и за целата држава, затоа што туристите од Холандија ползуваат таканаречени кружни тури низ Македонија, во кои влегуваат Кавадарци, Струмица, Скопје и други туристички места и културно-историски знаменитости“, додава Танески.
Ако сето тоа се знае, тогаш се лажни и непродуктивни дилемите - кој е поевтин, а кој лаже? Може да се во право охридските туристички работници, дека градот никогаш порано не бил поорганизиран, но претерани се обвинувањата дека скопјани прават „лажна реклама за македонскиот бисер“, дека намерно тамошните агенции не го ставаат во понудата. Охриѓани се особено лути на Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија, од каде што дојдоа оцени дека Охрид е најскапиот туристички центар, пренесени, можеби и пренагласено од некои медиуми.
Олгица Илоска од хотелот „Инекс - Горица“ оценува дека ова е чудна појава, која се случува секоја година пред почетокот на туристичката сезона иницирана од неколку агенции од Скопје, каде што секогаш се повторува дека Охрид е најскапата дестинација на Балканот и дека во Охрид ништо не е така како што треба.
Перо Кутаноски, управник на хотелот „Гранит“ вели дека ниту намалените цени што ги нудат оваа година не ги спречија туроператорите да измислат лажна приказна за Охрид. „Многу невкусно, неумешно и непријатно е за нас хотелиерите да слушнеме дека Охрид е најскапата дестинација кога ги познаваме условите во соседството, нивните цени посебно во Грција“, вели Китаноски.
Во кавгата не остана покусо и охридскиот градоначалник Александар Петрески. „Некогаш излегуваа големи непознати риби на површината од езерото, некогаш водата била загадена, некогаш ајкули, а сега немајќи што, кажуваат дека е скап. Во Грција нескафе е 300 денари, а во Охрид 120, но таму ќе седите на стол од пред 30 години и ќе пиете од пластични чаши“, објаснува Петрески. |