„Топлификација“ ги менува вреловодите стари 40 години
Во реконструкција на топловодната мрежа ќе бидат вложени над 20 милиони денари
Снежана Калабакова
АД „Топлификација“ ги започна реконструкциите на магистралните и на секундарните вреловоди, кои во изминатава грејна сезона предизвикуваа бројни дефекти. Дел од цевките се стари и по 40 години, поради што е неопходна нивна замена, со цел наредната грејна сезона за граѓаните да се обезбеди непречено снабдување со топлинска енергија. „Топлификација“ ќе инвестира над 20 милиони денари за ваквите реконструкции летово, а бидејќи ги има обезбедено сите потребни дозволи за работа од Градот и општините, веќе ги врши и првите прекопи низ градската топлификациона мрежа.
За десетина дена треба да финишираат работите на вреловодот на булевар „Александар Македонски“ во Автокоманда, каде што се врши замена на цевки во должина од 330 метри. Во претпријатието велат дека изминатата грејна сезона имале многу дефекти во овој дел од мрежата и доколку не ја направат обновата на стариот вод, постојат реални шанси половина Автокоманда да остане без парно греење. Замена ќе биде направена и на проблематичниот вод на Скопски саем, со должина од 90 метри. Во инвестиционата програма за обнова на топлификационата мрежа е планиран и вреловодот зад Соборниот храм на булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Орце Николов“ во должина од 170 метри.
„Моментно се работи на трасата долга околу 400 метри на ’Партизански одреди‘ кај хотелот ’Карпош‘. Се менуваат вреловодни цевки стари четири децении. На овој потег изминатава грејна сезона имаше многу дефекти, а само еден поголем можеше да предизвика половина Скопје да остане без греење“, објасни Ацо Стојанов, раководител на градежната група на „Топлификација одржувањ��“.
Следната недела екипите на „Топлификација“ кои бројат шеесетина лица ќе продолжат да работат на обнова на водовите кај споменикот на Скендер-бег, потоа на паркингот пред булеварот „Гоце Делчев“ и за две недели кај Музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ ќе се менува вод со должина од 160 метри. Следен ќе биде цевководот од 150 метри на булеварот „Стив Наумов“.
Во претпријатието појаснуваат дека сите предвидени реконструкции мора забрзано да се изведуваат во летниве месеци и да завршат до крајот на август. Во работата им помага и градежната фирма „Кратер“, која располага со бројни машини за изведување одредени прекопи. |