Промовиран туристички водич на Скопје
Градот Скопје вчера го промовира својот туристички водич во кој преку текст и фотографии се претставени најважните локации во главниот град. Туристите од новата брошура ќе можат да се информираат за сите туристички места, како и културни и верски споменици. Во водичот има информации за археолошките наоѓалишта, како што се Калето, тумба Маџари, за Старата скопска чаршија, ановите и старите занаети што се наоѓаат во неа, црквите и манастирите, кањонот Матка и останатите места во Скопје. Дел од туристичкиот водич е посветен и на ноќниот живот, културните манифестации, трговските објекти, најважните телефони и карта на улиците во градот.
„Туристичкиот водич е испечатен во 5.000 примероци и информациите во него се на македонски и на англиски јазик. Изобилува со фотографии од градот и податоци за развитокот на Скопје низ вековите, со што ќе им овозможи на туристите стекнување голем број информации за нашиот град“, вели Благоја Марковски, професор на Институтот за географија.
За сите заинтересирани, водичот ќе може да се набави во сите туристички бироа, книжарници, туристички агенции, по цена од 450 денари. (С.Н.) |