Снег на Попова Шапка како пред 40 години
Зимско-туристичкиот центар Попова Шапка е со снежна покривка од над 2,5 метри
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Зимско-туристичкиот центар Попова Шапка е со снежна покривка од над 2,5 метри. Така покажуваа вчерашните мерења во што и сами се уверивме. Попова Шапка е убава кога целата е во белина. Ваква ретко се памети, а уште помалку со нови врнежи во третата декада од март.
Погледот кон Попова Шапка завршуваше некаде во високите столбови на жичарниците и ски-лифтовите, во хотелите и викендичките кои како да покажуваа половина од нивната вистинска висина.
„Не само Попова Шапка, туку цела Шара годинава е онаа вистинската каква што е потребна за Полог. Се сеќавам, вака беше пред 40 години кога снегот се доближуваше до стреите на куќите. Но, тоа се случуваше во јануари или февруари 1968 година, а не вака доцна. Паметам дека тоа лето Шар Планина остана шарена речиси преку цело лето. Снегот, сепак, не беше повисок од сегашниот“, зборува Шукри Мухареми од Шипковица, кој веќе ја надминал осмата деценија од животот.
Патувањето до Попова Шапка е исклучиво со моторно возило. Бевме пријатно изненадени од одржувањето на регионалниот пат, чија должина е 20-ина километри. Меѓутоа, збунувачки беше кај местото Сидол до хотелските капацитети. На овој простор висината на снегот од двете страни на коловозот надвишува два метра. На некои места сообраќајните знаци речиси и не се забележуваа пропаднати во снегот. Снег врнеше два дена, до неделата напладне, велат вработените во зимско-туристичкиот центар „Попова Шапка“.
На повеќе места ветрот го навевал, а на тие места снежната покривка надминуваше и три метри. Попова Шапка ја затековме без врнежи, но на неколку места, особено околу Голгота, ветрот го занишуваше возилото. Коловозот беше стеснат на само три метри широчина. Темните облаци што во меѓувреме ја прекриваа Попова Шапка најавуваа нови врнежи и нови таложења снег.
„Ја имав таа среќа овде да бидам токму во деновите на најголемите врнежи. Дојдов во петокот. Одушевен сум од тоа што го доживеав овие тр�� дена. Сум ја видел Попова Шапка со многу сонце и мирно време, со малку снег, па дури и со отежнати можности за скијање. Првпат ми се случува да ја доживеам ваква, тоа е вистинско задоволство за мене“, беа зборовите на Хазби Гафури од Призрен, соседно Косово, кого го сретнавме во хотелот „Славија“.
Мирче Трпевски, вработен во зимско-туристичкиот центар, вели дека оваа зима на Попова Шапка е забележано зголемување на бројот на ноќевањата за 50 отсто, или заклучно со вчерашниот ден ноќевале околу 8.000 гости.
„Имаме најави и за април. Моментно овде престојуваат 40-ина, главно, од Косово, Албанија, Хрватска, Србија, Словенија, а најмногу од нашата земја. Снегот овозможува продолжување на скијачката сезона барем за еден месец. Тоа не е мала работа. Наше е да го зачуваме, а ратраците редовно го одржуваат, особено на скијачките патеки“, со задоволство вели Трпевски.
Први соседи на Попова Шапка од кај Аеродромот, како што се нарекува месноста, се жителите на селото Јеловјане. Тоа е пониско за околу 500 метри, но е со снежна покривка која надминува еден метар. Во Јеловјане ни рекоа дека и за неделното гласање членовите на избирачките одбори можеле да дојдат само до под селото. Нагоре било блокирано од снегот.
Мисим Мисими е единствениот што има стадо од 200 овци. „Бачилото ми е над селото во близина на каналот. Ниту овците можат да излезат, ниту, пак, јас можам да ги истерам“, рече Мисими. |