Бугарија ќе го одвлече и регионот подалеку од Унијата
Дел од парите што ќе и' бидат скратени на Бугарија беа наменети за транспортна мрежа со Западен Балкан
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
Брисел - Утре Бугарија ќе се соочи со пресудата на Европската унија, но резултатот од трите извештаи што беа објавени деновиве за корупцијата во оваа земја веќе е познат во Брисел. Бугарија ќе биде исправена на столбот на срамот на Европската комисија, иако според некои оцени, злоупотребите со европските фондови овде не се поголеми од тие што изминатите години беа откриени во Грција. Сосема е извесно дека в среда Брисел ќе најави укинување на 600 милиони евра од претпристапната помош за оваа земја, а се најавува и одлагање, а можеби и запирање на четири и пол милијарди евра помош од структурните фондови, ако состојбите не се поправат брзо и не се преземат неопходните чекори. Брисел дури не зборува за реформи во Бугарија, туку за „чистење на власта и администрацијата од корумпирани политичари кои се поврзани со организираниот криминал“ кои, според оцените во ЕУ, ги ставаат европските пари во приватни џебови. Речникот што го употреби ЕУ за да ја опише состојбата во оваа земја и мерките што најавува дека ќе ги преземе се најострите досега видени во Брисел, па тие се закануваат да ја дестабилизираат и владата во Бугарија. Во последниот, трет извештај што беше пуштен во јавноста вчера, ЕК, сепак, се воздржа од други дополнителни казни спрема Бугарија, по најавите дека е можно да се прогласат судските пресуди во оваа земја како неприменливи и неважечки на територијата на ЕУ, што поедноставно кажано значи да се исклучи земјата од правниот и судски систем на Унијата. Засега, ЕУ се воздржа од таа мерка, од страв дека преголемиот притисок врз Софија може да ги засили радикалните сили во земјата, дотолку повеќе што ембаргото за пресудите на бугарското судство ќе им оди во прилог на тие што не сакаат пресметка со корупцијата, а не на Брисел.
Ваквиот притисок врз Бугарија, наспроти многу поблагите оцени за корупцијата во Романија, ја наметнува дилемата што е тоа со што заслужи Софија специјален третман од ЕУ и колку ароганцијата на оваа земја- членка, од која не се очекуваше дека ќе блеска откако доби прием без да ги исполни условите, и' ги олесни чекорите на ЕК. Лошата вест за Бугарија е лоша вест и за Македонија, не само поради воспоставувањето нов однос на ЕУ спрема новопримените земји или кандидати туку и поради фактот дека голем дел од средствата што се скратуваат беа наменети за развој на транспортната и на енергетска мрежа од која ќе профитираше целиот регион. Бугарија деновиве, конечно, сфаќајќи ја сериозноста на ситуацијата, побара од Агенцијата за испитување на корупцијата во ЕУ, ОЛАФ, да испраќа свои тимови на секои две недели во земјата за да го надгледуваат работењето со помошта на Унијата, иако не е јасно со која, бидејќи Брисел стави рамка за сите пари за помош на земјата.
Инаку, во извештајот што ќе биде објавен в среда, ЕК вели дека напорите во земјата за справување со корупцијата се недоволни и ретко доведуваат до конкретни резултати, при што само неколку конкретни случаи практично завршиле со епилог. „Иако имаше некакво придвижување околу неколку случаи и беше даден голем публицитет на ’војната против корупцијата‘, сите тие претставуваат незначаен процент од криминалните дела ефективно казнети во Бугарија“, стои во извештајот на комисијата. За Брисел е особено загрижувачко што не дава резултат пресметката со корупцијата во високите нивоа и со организираниот криминал, и што институциите и процедурите изгледаат добро на хартија, но не функционираат во реалноста. „Препораки се даваат, но не се спроведуваат“ , смета ЕК, оценувајќи дека сето тоа предизвикало голема фрустрација кај некои од земјите-членки кои не гледале веќе смисла ни да и' даваат експертска помош на Софија, па ги повлекле експертите од земјата. Извештајот навести дека мониорингот во областа на правдата и внатрешните работи ќе продолжи и во Бугарија и во Романија и, што е најважно, се' уште нема временски лимит до кога. |