Европа - Балкан
Арогантни господари
Иван Торов
Апсењето на Заев не е исклучок на балканските простори, но е симптом на болеста во Македонија која се движи кон тоталитаризам на една партија и нејзиниот „водач“
БЕЛГРАД - Спектакуларното апсење на успешниот струмички градоначалник и потенцијален лидер на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, со нескриени политички мотиви, ја потврди мрачната слика за балканскиот тип на демократија. Нему му е својствено и практично дозволено се': подредување на судската извршна власт, суспендирање на државни институции, елиминација и компромитација на политичките противници така што полицијата ќе ги изложи на јавен полициски и медиумски третман без никаква милост, па тој "прилог против криминалот и корупцијата" ќе го повторува во ударните емисии.
Значи, целта не е истерување на правдата "ни по татко ни по стриковци", туку манифестирање моќ и самоволие на една политичка групација (во конкретниов случај, ВМРО-ДПМНЕ), чијашто автократичност, агресивност и ароганција почиваат на фактот дека нема таков државен (непристрасен) механизам кој ќе ја зауздува и ограничува. Уште кога, како и во овој случај, имате слаба и неорганизирана опозиција, латентен конфликт на две заемно нетрпеливи национални (албански) групации и хронична опасност од судир меѓу неа и водечките, македонски, економскиот и социјалниот амбиент кој на авторитарната власт и' овозможува со демагошки манири себеси да се прикаже како "национален спасител", ете можност дека почетните форми на автократија ќе продолжат во форма на сурово самоволие и апсолутизам.
Но, македонскиот пример "на предупредувачко апсење" во ништо не е оригинален, иако со право може да се постави прашањето како е можно една власт, за чиј краток мандат е прокоцкан евроатлантскиот интегративен пат, Македонија во економска и цивилизациска смисла да падне на најниски гранки, влета со сета сила во синдромот на внатрешни конфронтации, следните избори да ги добие уште поубедливо отколку претходните. Одговорот, секако, би морал да се побара во логиката на обичниот граѓанин - избирач дека "јаловата демократија му е преку глава", односно дека му е потребен "господар" кој во секој момент ќе знае што треба да прави и кој, на крајот, ќе го среди хаосот што го создадоа самите политичари за конечно "да го усреќат народот". Така, речиси законски, се стигнува до затвореното изолирано општество, национализмот, како најцелосен и најделотворен обид на тоталитарна логика на владеење "во име на демократијата и напредокот". Во општество обликувано на тој начин се' е можно и изводливо ако "на господарите" им се овозможи да владеат без отпор, а самото тоа чувство на несигурност и страв од режимските репресии, макар и во најбенигна форма, едноставно го дестимулираат секој обид за отпор и пркос. Уште повеќе што ривалскиот политички табор, по тешкиот изборен пораз, е во особена конфузија.
Балканските држави, особено оние настанати по распадот на југословенската заедница, се полни со такви и слични искуства. Уште од почетокот на деведесеттите години, па се' до денес. Таа хомогенизирана и компактна симбиоза на држави, политики и национализам би можела да се анализира низ практиката, од "прастарата" на Милошевиќ и на Туѓман, преку "малку поумерените" на Изетбеговиќ и целата плејада екстремни и воинствени ликови на националистичка школа, до најновиот, би се рекло, просветен, но, во суштина, ни помалку ригиден, конзервативен и властодржечки образец на "тренирање на строгост" на Јанша. Сепак, Словенија како развиена членка на ЕУ отиде предалеку за некои потези на нејзиниот премиер да го нарушат веќе воспоставениот демократски систем.
Иако секој случај би можел да се обработува како специфичен, на сите им е заедничко - наклонетоста кон неконтролираната, апсолутна власт, па дури и тогаш (како во словенечкиот случај) европските правила на игра треба да бидат еден вид одбранбен штит од злоупотребата на власта.
Времето на Милошевиќ со владеење на Србија, сепак е најилустративно искуство. Јавнувајќи го националистичкиот коњ по расколничката Осма седница, во моментот кога остатоците од Берлинскиот ѕид станаа колекционерска вредност, српскиот "водач" неприкосновено владееше повеќе од една деценија. Организираше војни, етнички егзодуси, Србија ја втурна во економска и социјална беда низ хиперинфлација и предизвикани санкции, прогонуваше (а некои и едноставно ликвидираше) политички ривали, симулираше плуралистичка демократија, а всушност, спроведуваше диктатура на една единствена, национал-социјалистичка (СПС), го влечеше ѓаволот (големите сили) за опашка, повикувајќи го бомбардирањето. Неговата националистичка матрица во форма на "нема светот да ни ја крои капата", опстојуваше се' до крајот на деведесеттите години, додека не ја потроши целата внатрешна енергија и "инвентивност" и почна да ја губи контролата на одделни сегменти на државата.
Се заврши како што се заврши, но фаталната привлечност на владеењето без контрола е, своевидна репресија, особено полициска и медиумска, со голема асистенција на тајните служби, со монополизирање на политиката и на државата, опстојуваше макар и во форма на "повеќепартиски", всушност, "демократски национализам" и по падот на Милошевиќ. Симулирана е таканаречена "национална собирност" на Коштуница, т.е. племенско собирање околу огнот во часот "кога татковината е загрозена". Со други зборови, тоа би било собирање околу еден водач, една идеја, создавање посуптилн форма на целосна контрола над државата.
Тоа време на обновен авторитаризам, за жал, Србија ја чинеше многу. Предизвика многу внатрешни конфронтации (бунт на "Црвените баретки", убиството на премиерот Ѓинѓиќ, суспендирање на речиси сите државни институции, медиумско миење на мозоците, сопирање на евроатлантските интеграции) и симулирање "борба против криминалот и корупцијата". Ова последново, всушност, се претвори во школски пример како, од една страна, да се ослободи од политичките ривали, а, од друга страна, да се создаде впечаток "дека во борбата против корупцијата нема недопирливи". Се разбира, ако се на "онаа, другата страна". Спектакуларно, како и во случајот со Зоран Заев, уапсени се многу видни поединци, од претседателот на Трговскиот суд, Горан Кљаевиќ, окружниот обвинител Раде Терзиќ до поранешниот министер за правда, Владан Батиќ. Се редеа едно по друго приведувањата на секакви "мафии", но долготрајните судења не ги дадоа "очекуваните резултати". На удар беше и "првиот" српски бизнисмен Богољуб Кариќ, на кого, меѓутоа, му беше овозможено да побегне во моментот кога власта на Коштуница процени дека неговите политички амбиции ги надминуваат "дозволените граници". "Протеран е" и "кралот на тутунската мафија", Станко Суботиќ, бидејќи неговото сведочење би можело да биде непријатно за многу политичари од поранешната и од сегашната номенклатура. Кога на тоа би се придодале прогоните на луѓе, чиј збор би можел да ја расветли политичката заднина на убиството на Зоран Ѓинѓиќ, сликата за вистинската природа на власта на Коштуница добива вистинските димензии.
Дека во целата таа приказна за таканаречената борба против криминалот е вмешан и српскиот бизнис покажа и неодамна скандалозното и понижувачко апсење на двете легенди на српскиот спорт, на фудбалот, Драган Џаиќ, и на кошарката Владимир Цветковиќ. Иако дури во истрагата се осомничени дека "проневериле пари од трансферот на играчи", досегашните наоди се' повеќе ја релативизираат таа режимска приказна, но во прв план го исфрлаат фактот дека познатите спортисти опасно им се замериле на спортските амбиции на најбогатиот Србин, Милорад Мишковиќ, еден од водечките финансиери на владејачките партии. За време на апсењето се повтори истото она што му се случи и на Заев: апсење пред камери, лисици на рацете, специјалци под полна опрема. Изостана само едно - кеси на главите. Намерно, за народот подобро да ги види "злосторниците".
Значи, искуството на Зоран Заев не е исклучок, но е симптом за сериозна болест на едно општество. |