Web Special
Уапсен Радован Караџиќ
Синоќа во белградско предградие е лишен од слобода поранешниот лидер на босанските Срби
Со акција на српските служби за безбедност синоќа е лоциран и лишен од слобода поранешниот лидер на босанските Срби Радован Караѓиќ, обвинет од Хашкиот трибунал за воени злосторства, соопшти Советот за национална безбедност на Србија.
Според извор на српската полиција, кој побарал анонимност, Караѓиќ бил уапсен синоќа во предградие на Белград. Куќата во која се криел Караѓиќ, според изворот, била набљудувана во текот на изминатите неколку седмици.
Српските власти дејствувале врз основа на информација, дадена од странско разузнавање, додаде изворот. Шеесет и тригодишниот Караѓиќ не давал отпор при апсењето и бил во депресивна состојба во моментот на апсење, открива изворот.
Во меѓувреме, адвокатот на Караѓиќ, Светозар Вујачиќ, изјави рано утринава пред новинарите, дека неговиот клиент бил уапсен во Белград во петокот, на 18 јули. Вујачиќ тврди дека Караѓиќ бил уапсен во 21:30 часот по локално време во автобус, кој се движел од квартот Батајница.
Радован Караѓиќ денес
Поранешниот политички лидер на босанските Срби се движел од Батајница кон новиот дел на Белград, појасни неговиот адвокат. Тој посочи дека при апсењето биле покриени очите на неговиот клиент за да не види кој го уапсил, како и оти по апсењето бил одведен во „некаква соба со непозната местоположба“.
Според адвокатот, незаконски е тоа што неговиот клиент е доведен пред истражен судија во понеделникот вечерта. Радован Караѓиќ ќе се брани со молчење, бидејќи „целиот процес е фарса“, истакна Вујачиќ.
Адвокатот е убеден дека неговиот клиент ќе остане во српскиот Специјален суд за воени злосторства, додека не биде предаден на Меѓународниот трибунал за воени злостотрства за поранешна Југославија.
Сопругата на Караѓиќ, Лилјана, била информирана за апсењето на својот сопруг од нивната ќерка Соња некаде пред полноќ. - Кога телефонот заѕвони, знаев дека нешто не е во ред. Шокирана сум. Збунета. Сега барем знам дека е жив, изјави Лилјана Караѓиќ.
По апсењето Караѓиќ бил одведен и сослушан пред истражниот судија на српскиот Совет за воени злосторства Милан Дилпариќ.
Истражниот судија Дилпариќ потврди дека го сослушал Караѓиќ, а на прашањето дали донел решение за исполнетата претпоставка за испорачување на Караѓиќ на Хашкиот трибунал, Дилпариќ кусо одговорил оти се е завршено. Сослушувањето на Караѓиќ почнало нешто после еден часот по полноќ и траело околу еден и пол час во зградата на Специјалниот суд, која беше обезбедувана од полициски кордон.
Главниот обвинител на Хашкиот трибинал Серж Брамерц, кој беше предвидено да пристигне денеска во посета на Србија, ја одложи посетата по апсењето на Караѓиќ, соопшти портпаролата на Брамерц, Олга Кавран.
Таа не даде други детали за престојното префрлување на поранешниот политички лидер на босанските Срби во Хаг.
Караѓиќ во продолжение на повеќе од една деценија беше број еден во списокот на најбараните лица од Хашкиот трибунал.
Трибуналот уште во 1995 година - по крајот на војната во Босна, објави 15 обвиненија против него за воени злосторства, злосторства против човештвото, геноцид и други злосторства.
Претстои процедура за предавање на Караѓиќ на Трибуналот во Хаг, која може да трае неколку месеци.
По апсењето на Караѓиќ на слобода остануваат уште двајца хашки бегалци - поранешниот воен командир на босанските Срби Ратко Младиќ и лидерот на Република Српска Краина во Хрватска Горан Хаџиќ.
Европската унија го постави предавањето на сите обвинети како услов за прием на Србија за нејзина полноправна членка. Унијата го поздрави апсењето на Караѓиќ како огромен чекор напред во тој процес.
Хашкиот трибунал го обвинува Караѓиќ за раководење на масакрот на околу 8.000 муслимански мажи во Сребреница.
Караѓиќ се криеше од Трибуналот околу 13 години со помош на мрежа од помошници. НАТО досега имаше неколку неуспешни обиди за негово апсење.
Меѓународната заедница го поздрави апсењето на поранешниот лидер на босанските Срби.
Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун го поздрави апсењето на Караѓиќ, нагласувајќи оти тоа е историски момент за жртвите, кои, како што рече чекале 13 години за поранешниот лидер на босанските Срби да биде изведен пред лицето на правдата.
Апсењето на Караѓиќ го поздрави и Белата куќа.
- Ја поздравуваме Владата во Србија и им се заблагодаруваме на луѓето, кои ја спроведоа таа операција, за нивната храброст и професионализам, изјави портпаролот на Белата куќа Дејна Перино.
Таа акцијата за апсење на Караѓиќ ја означи како важен доказ за напорите на српската Влада да ги исполни своите обврски и да соработува со Хашкиот трибунал.
Перино нагласи дека апсењето се случи неколку дена по годишнината од масакрот на седум илјади босански муслимани во Сребреница и додаде оти нема подобар начин за оддавање почит кон жртвите од „испраќање на убијците пред лицето на правдата“.
Американскиот дипломат Ричард Холбрук со чие посредство во 1995 година беше склучен Дејтонскиот мировен договор за ставање крај на војната во БиХ, изјави дека апсењето на Караѓиќ е историски ден.
- Симнувањето од сцената на човекот, одговорен за смртта на 300 илјади лица, многу ќе помогне за зацврстување на стабилноста, нагласи Холбрук.
Позитивни реакции за апсењето на Караѓиќ пристигнаа и од Европската унија.
Високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Хавиер Солана изрази огромно задоволство поради апсењето на Караѓиќ.
Солана нагласи дека тоа може да го забрза патот на Србија кон ЕУ.
Позитивни реакции за апсењето на Караѓиќ дојдоа и од претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и од францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.
Францускиот претседател Никола Саркози изрази исто така големо задоволство поради апсењето на Караѓиќ.
- Одамна очекуваното апсење ја покажа јасната желба на новата Влада во Белград за приближување на Србија кон ЕУ, истакна Саркози.
Еврокомесарот за проширување Оли Рен апсењето на Караѓиќ го означи како позитивен настан во соработката на Србија со Хашкиот трибунал. - Тоа ја покажува решеноста на новата Влада да ја оствари целосната соработка со Трибуналот, додаде Рен.
Главниот јавен обвинител на Хашкиот трибунал Серж Брамерц исто така го поздрави апсењето на Караѓиќ.
- Тоа е многу важен ден за жртвите, кои на ова апсење чекаа повеќе од една деценија, истакна Брамерц.
Тој нагласи дека ова е важен ден и за меѓународното право, бидејќи со овој чекор се покажува дека никој не е надвор од законот и порано или подоцна сите бегалци ќе бидат изведени пред правдата.
Апсењето на поранешниот лидер на босанските Срби го поздрави и НАТО.
- Тоа беше нешто што го очекувавме од Србија и нешто на кое треба да се гледа како на позитивен настан, истакна портпаролот на Алијансата.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Милибанд апсењето на Караѓиќ го означи како добра вест.
- Апсењето на Караѓиќ ќе го отвори патот за една подобра иднина за Србија, нагласи Милибанд.
Холандија, која го условува влезот на Србија во ЕУ со соработката со Хашкиот трибунал, оцени дека властите во Белград направиле голем чекор напред со апсењето на Караѓиќ.
- Останува следните недели уште само да видиме какви одлуки ЕУ ќе донесе во врска со Србија, изјави холандскиот министер за надворешни работи Максим Ферхаген (МИА)
|