Вилјас Боаш блиску до клупата на Челзи
Англискиот премиерлигаш се согласил да му плати отштета на Порто од 15 милиони евра
Според неколку англиски медиуми, Челзи е многу блиску да го доведе досегашниот тренер на Порто, Андреа Вилјас Боаш. Лондонскиот тим се согласил да плати отштета од 15 милиони евра.
Боаш (33) некогашен помошник на Жозе Мурињо минатата сезона со Порто ја освои титулата во Лига Европа, како и круната во првенството на Португалија. Тој е најмладиот тренер кој стигнал до европски трофеј. За 95 дена го надмина Џанлука Вијали, кој точно со 33 години и 308 дена со Челзи во 1997 ја освои титулата во Купот на победниците на куповите година.
Трансферот во Челзи би бил значаен чекор во неговата кариера, во која само две сезони мина како прв тренер, откако од Академика пред една година мина во Порто.
Како што е познато, Челзи остана без тренер откако му се заблагодари на Карло Анчелоти, кој сезонава остана без трофеј.
Инаку, Мурињо го запозна Боаш уште во времето кога беше помошник на Робсон во Барселона, а потоа работеше со него и во Челзи. Во периодот во Барса Жозе му даде нова задача на ова момче - да направи одделение за опсервација на ривалот.
„Тоа беше како да работам во некоја безбедносна служба, а документите кои ги имав беа сметани за најстрога тајна. Беа давани само на членовите на стручниот штаб, а тие ги проследуваа до играчите, како би знаеле со каков противник ќе си имаат работа“, ќе изјави Боаш.
Барселона за 32 млн. фунти
го купи СанЧез од Удинезе
Европскиот шампион Барселона за 32 милиони фунти (56,1 милион долари) го купи од Удинезе чилеанскиот напаѓач Алексис Санчез, победувајќи ја така конкуренцијата во двата клуба од Манчестер, објави „Дејли телеграф“. Овој 22 годишен фудбалер имаше фантастична сезона во Удинезе.
Некои шпански медиуми шпекулираат дека со доаѓањето на Санчез може да станат реални шпекулациите дека Барса е подготвена да го продаде Давид Вилја, само за да заработи пари со кои би го купила Цеск Фабрегас од Арсенал.
Реал избира меЃу НеЈмар и Агеро
Реал Мадрид е пред голема одлука во кого да вложи пари, а притоа тоа да биде играч кој ќе донесе свежина во нападот. Како што пренесува шпанскиот печат изборот на „кралевите“ спаднал на две имиња. Едното е Нејмар, Бразилецот кој мами со своите мајстории, а другото е Серџо Агеро, Аргентинецот кој настапува за градскиот ривал Атлетико.
За вториот е заинтересиран и Челзи, кој дава астрономски 50 милиони фунти. |