Арнаудовски чека повик од Шундовски
Ристо Арнаудовски, кој одигра само еден натпревар за македонската ракометна репрезентација, се надева на повик од селекторот Звонко Шундовски за Европското првенство в година во Србија. Левиот бек се најде во центарот на вниманието на јавноста со вербалниот, а според некои и физички дуел со тренерот Ирфан Смајлагиќ додека играше за Босна, по што паузираше пред да биде ангажиран од австрискиот вицешампион Брегенц на средина од минатата сезона. Токму неславната епизода во Босна беше причината да отпадне за квалификацискиот натпревар за ЕП против Босна и Херцеговина во Сараево при крајот на октомври минатата година, откако три дена претходно настапи против Естонија во Скопје, кога не се запиша во листата на стрелците.
„Ќе дадам се' од себе за да добијам повик. Проблем е што никогаш не сум играл во Македонија, па Стручниот штаб на македонската репрезентација можеше да ме запознае само преку моите игри во Загреб, во Босна, во Пипо и во Австрија. Сепак, играчите добро ме прифатија“, изјави за хрспорт.нет ракометарот што на 9 јули ќе наполни 30 години. Тој е свесен дека на својата позиција има силна конкуренција во националниот тим.
„Тука се братот на Кире Лазаров, Филип, па Бранислав Ангеловски, кој долго играше за Загреб, има и две момчиња што играат за Металург на Червар, Велко Маркоски и Аце Јоновски, значи има неколку исклучително квалитетни играчи. Се надевам барем на повик за подготовките, па да добијам шанса да се докажам“, вели најдобриот стрелец на Првата хрватска лига во 2004 и во 2009 година, најдобар играч и стрелец на Купот на Хрватска пред две години, како и втор стрелец на Светското студентско првенство во Полска.
Македонецот роден во Загреб за групата на Македонија на ЕП, во која противници ќе и' бидат Германија, Шведска и Чешка, изјави: „Се игра во Ниш, па се очекуваат многу македонски навивачи. Групата е тешка, но со поддршка на публиката имаме шанси“. (Р.Д.) |