МЗТ се засили со Стефанов и со Стојановски
МЗТ Скопје викендов заврши добра работа. Успеа да ги донесе во своите редови Ристе Стефанов и Огнен Стојановски, со што за кратко време се санираше раната која со своето заминување ја направија најдобрите лански играчи Кирил Николовски и Ненад Зивчевиќ.
Потврда на трансферот даде и претседателот на „штрковите“ Сашо Босилков. Тој напомена дека со Ристе Стефанов е потпишан едногодишен договор, додека со Огнен Стојано��ски договорот вели дека по една година доколку некој клуб од странство е заинтересиран за него ќе може да замине како слободен кошаркар.
Ристе Стефанов пред десетина години има настапувано за МЗТ Скопје, а сега доаѓа од италијанскиот тим Мазео Сан Северо. Како што е познато, дел од минатата сезона Стефанов играше и за Работнички.
Стојановски, пак, се враќа во главниот град по две шампионски сезони во Фени индустри. Реално поради повредите тој не играше на нивото на кое настапуваше за Работнички.
Овој потег на управата на МЗТ Скопје доаѓа само неколку дена по постигнувањето договор со НЛБ лигата за настап од сезоната 2012/2013. Во септември се очекува и официјален прием на клубот во јадранската групација. (Н.К)
Мекејлеб со Монтепаски шампион на Италија
Кошаркарите на Монтепаски Сиена предводени од македонскиот репрезентативен плејмејкер, Бо Лестер Мекејлеб, ја одбранија титулата во шампионатот на Италија совладувајќи го Канту со вкупни 4.1. Последниот меч Монтепаски го доби завчера на свој терен 63:61.
Ова е вкупно петта титула за Монтепаски по ред, а воопшто шеста во неговата историја. Наедно, ова е третата двојна круна (првенство и Куп) во последните три години, што ја докажува доминацијата на тимот од Сиена. |