Нова куќа - нова надеж за Кулески oд Штавица
Со пари од донации семејството изгради куќа во Прилеп, но во неа се' уште не може да се живее
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Продолжуваат маките на семејството Кулески од прилепското село Штавица, кое пред осум месеци ја загуби едногодишната ќерка Билјана што изгоре во лулката крај шпоретот додека родителите ги завршуваа земјоделските работи. По трагичната смрт на девојчето, мајката Марта, албанска државјанка, на свет донесе уште една ќерка. Таа наполни четири месеци и е во одлична здравствена состојба. Сите заедно повторно живеат во руинираната куќа во Штавица откако меѓуопштинскиот Центар за социјална работа ја стопира постапката за одземање на старателското право за ќерката Ангела. Малата Ангела, која беше единствен сведок на големата несреќа, е повторно во прегратките на своите родители, живее во семејство полно со љубов, но тоа не е доволно за нејзиниот развој и за развојот на нејзината сестричка Елена.
Кулески и натаму живеат со 1.300 денари социјална помош. Надоместокот не може да се зголеми се' додека Марта не ги исполни условите да стане македонски државјанин.
„Помогнавме Марта да извади лична карта за да почне да тече рокот додека се исполнат условите за да добие државјанство. Дотогаш социјалната помош ќе се однесува само на тројцата членови на семејството, а потоа ќе им се зголеми. Се' тече според законот. Стручен тим од Центарот и натаму го посетува семејството. Им се помага во рамките на законот“, истакнува директорката Снежана Јованоска. Таа додава дека за олеснување на станбениот проблем, на семејството им се исплатени и 10.000 денари, но јасно е дека тие пари не се доволни за да можат конечно да го решат проблемот.
По медиумската кампања за помош на Кулески, многу хумани луѓе донираа на нивната сметка. Со парите од донациите ова семејство изгради куќа на периферијата од градот. Но, се' уште не може да се вселат затоа што парите не беа доволни за да може куќата да се малтериса, да се постави електрична инсталација, едноставно да се обезбеди простор за мирен сигурен живот на ова сиромашно семејство што живее на работ на својата егзистенција.
„Не се жалам, постојано некој ќе дојде, ќе ми донесе нешто за јадење... Неодамна ми се јавија и од црквата, ми рекоа дека собрале некои пари за помош. Ама, јас молам секој што може, ако може, да ми помогне за да доѕидам барем една соба целосно и да се приберам, оти во Штавица веќе не се живее. Целата куќа се распаѓа, при секој дожд врне внатре врз нашите глави, секој силен ветер струи во собите, се слуша само еден страшен звук. Пари немам од ништо, овците се тука, ама од нив сега нема ни сирење ни млеко... Натаму може да се продаваат јагниња, ама за да има пород, треба и храна за нива, а јас немам ни за децата“, вели Гоце Кулески.
Ако никој не им помогне, Кулески ќе бидат принудени и оваа зима да ја минат во црната соба на страдањата на првиот кат од куќата во Штавица, каде што единствено не капе дожд. |