„Херитиџ“ бара САД да притисне за Македонија
Вашингтон - САД, во пресрет на самитот на НАТО во Лисабон треба да извршат притисок за прием на Македонија, која успешно ги исполни сите потребни критериуми и единствено е блокирана од нејзиниот сосед Грција, се повикува во анализата на американската фондацијата „Херитиџ“.
Аналитичарите на фондацијата, Сели Мекнамара и Морган Роуч, оценуваат дека американската поддршка, сепак, можеби нема да биде доволна за да се обезбеди прием на Македонија во НАТО.
„Администрацијата на Обама ќе мора да ги искористи сите свои дипломатски канали во Европа, како и своите претставници во Атина за да го зголеми меѓународниот притисок врз Грција, со цел итно да се реши ова прашање. Неопходен е силен дипломатски притисок врз Атина и од страна на Европа, особено од Франција и од Германија, нешто што Вашингтон може да го побара од Париз и од Берлин“, се наведува во анализата.
Мекнамара и Роуч оценуваат дека решавањето на прашањето за името меѓу Скопје и Атина и разговорите што се в��дат со посредништво на ОН можат да продолжат и по приемот на Македонија во НАТО.
„Македонија го заслужува местото во НАТО. Затоа САД и нивните клучни европски сојузници, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија, треба да ги интензивираат напорите и да осигураат местото на Скопје на масата на НАТО веќе да не биде блокирано на нефер начин“, се наведува во анализата. (МИА) |