Македонија нема да ја поддржи Србија во ОН
Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, најави дека не би требало да се очекува Македонија да ја поддржи нацрт-резолуцијата на Србија во Обединетите нации. Во интервјуто за Радио Слободна Европа, Милошоски изјави дека Македонија се води од три постулати во однос на ова прашање. Првиот е дека Македонија има воспоставено дипломатски односи со Приштина, исто како што имаме дипломатски односи со Белград. Вториот дел е тоа што признавањето на Косово беше во координација како чекор со Црна Гора и сега имаме, исто така, координација во однос на нацрт-резолуцијата на Србија. Третиот е мислењето на Меѓународниот суд во Хаг.
„Сите овие параметри ни се помагатели за процена како ќе гласаме и сметам дека, според нив, не би требало да се очекува Македонија да ја поддржи нацрт-резолуцијата на Србија, затоа што таа не ја апсолвира реалноста која произлегува од овие претходни параметри и во тој контекст сметам дека со координацијата со Црна Гора ќе имаме заедничка позиција во Њујорк“, изјави министерот Милошоски за Радио Слободна Европа. (Д.Р.)
|