Признание од папата за Томе Серафимовски
Папата Бенедикт Шеснаесетти му додели признание на академик Томе Серафимовски во знак на благодарност за скулптурата на Мајка Тереза, која овој истакнат уметник му ја подари на Ватикан. Серафимовски е единствениот Македонец кој го доби ова исклучително признание.
Бронзената скулптура на Мајка Тереза, која е специјално изработена и е висока три метри, во Рим ќе биде поставена пред црквата што ќе го носи името на блажената хуманитарка.
На 3 септември во Ватикан скулптурата му беше претставена на папата. Не криејќи го восхитот од делото на еминентниот македонски уметник, папата Бенедикт Шеснаесетти кусо прокоментирал: „Оваа скулптура е светско ремек-дело“. Идејата за подарување на скулптурата на Мајка Тереза на Ватикан е на академик Серафимовски, додека реализацијата одела преку Католичката црква во Македонија и бискупот г. Киро Стојанов.
Во текот на минатата година, академик Серафимовски му подари уште едно свое дело на Рим: скулптурата на св. Кирил која е поставена во црквата „Сан Клементе“, каде што е гробот на словенскиот просветител. (Б.Ј.) |