ТЦ „Гетро“ најдобро архитектонско дело
Автори на наградениот објект се Ѕвонко Тасевски и Ирина Бојаџиева
Билјана Ангеловска
Архитектите одлучија годишната награда за реализирано архитектонско дело да им ја доделат на архитектите Ѕвонко Тасевски и Ирина Бојаџиева за трговско-деловниот центар „Гетро“ во Гостивар. Големото признание, кое Асоцијацијата на архитектите на Македонија годинава традиционално го доделува по 14. пат, на авторите на делото завчера им го врачи покровителот на наградата, претседателот на Македонија, Бранко Црвенковски.
„Ова признание го доделуваат колеги на своите колеги во професијата која важи за една од најреволуционерните во доменот на осмислувањето на квалитетот на живеењето, но и една од најкритичните во однос на проектирањето и градењето на животниот простор“, рече Црвенковски при врачувањето на наградата, потенцирајќи дека со тој чин се заокружува успешната година за македонската архитектура како плод на посветеноста на Асоцијацијата за домашна и меѓународна афирмација на македонското архитектонско творештво.
Изведениот објект ја освои наградата во силна конкуренција на седум исклучително квалитетни градби: комерцијален центар во Скопје (познат како „Лумикс“ - н.з.), едносемејна куќа во Битола, комерцијален објект во Ѓорче Петров, административна зграда на регионален катастар Скопје, „Супер Тинекс“ - Скопје, спортска сала „Борис Трајковски“ и наградената „Гетро“ во Гостивар.
„Заслужни за овој објект се повеќе луѓе. Зад носителот на идејата стои цел тим ’борци‘ - архитекти кои се справуваат со многу проблеми, но и со позитивни работи кои, за среќа, ги има се' повеќе и претставуваат се' поголема можност за докажување. На Запад секогаш се наоѓа некој што ќе го оствари сето што ќе го замисли архитектот, додека кај нас е сосем друг случај. Тука мора реално да се сонува, па секое докажување и ваква награда носат поголема заслуга за себе“, вели еден од авторите на наградениот објект, Ѕвонко Тасевски.
Трговско-деловниот центар „Гетро“ е со површина од 9.000 квадратни метри и е силен објект што отскокнува од околината. Висински не е доминантен, има приземје и четири ката, но, како што вели Тасевски, со својата форма и облик го поведува целиот град со себе. Се наоѓа на простор помеѓу три големи сообраќајници.
„Во почетокот се двоумевме која страна би била примарна, кој агол би бил доминантен, зашто локацијата е таква што речиси сите три агли влечат на своја страна. Објектот е различен по големата слобода што е внатре. Инвеститорот не инсистираше на традиционални ходнични системи, венци и традиционални излози. Не' остави слободно, со слободни форми да ги водиме луѓето низ објектот и движењето да биде поинакво“, појаснува Тасевски.
За објектот се користени таканаречени вентилирани фасади познати под името титаниум. Објектот е малку потемен и подоминантен од целата околина со поголеми застаклувања од сите типови трговски центри, многу повеќе стакло и многу поголеми пространства пуштени внатре, со цел посетителите да се чувствуваат слободно. Авторот објаснува дека, покрај голем број дуќани, во внатрешноста има и фонтани, прекрасни скали кои се наизменично делумно застаклени со расвета, а делумно од цврст материјал, додека холовите се искршени и централно распоредени за да се пополни внатрешноста. На последниот кат има ресторани и две киносали.
Наградените архитекти Тасевски и Бојаџиева, како дел од проектантското биро „ДСЦ дизајн“, исклучително се задоволни од соработката со инвеститорот на објектот, Насер Идризи, кој искажал голема доверба кон нив и кон нивните идеи. Заедничката соработка, за која Тасевски вели дека претставува „среќна паралелна двојка“, всушност, и им ја донесе наградата за најдобро архитектонско дело во 2008 година. |