Вардар пак пустоши во Долни Полог
Поплавени се сите села по течението на Крива Река и Пчиња, во Тетовско настрадаа оние што веќе беа под вода
ТЕТОВО - Ноќта спроти неделата Вардар повторно се излеа по селата и нивите во Долнополошко. Според вчерашните информации на Кирко Масевски, претседател на МЗ „Раотинце“, повторно навлегла вода во десетина куќи, а целото поле, особено оние делови што требаше да бидат зафатени со пролетна сеидба, се под вода.
Али Вејсели од соседното Копанце вели дека Вардар само привидно се повлекол. „Пред еден месец направи вистински пустош во трите привардарски села Раотинце, Копанце и Туденце, некои дворови се' уште не се исушени. Постојано се надополнува со подземни води, оштетувајќи ја и покуќнината и куќите“, вели Митко Трпковси од Туденце.
Кирко Масевски посебно е разочаран од постојаните ветувања и непреземени мерки за надминување или ублажување на проблемот. „Дојдоа премиерот Никола Груевски неговиот заменик Зоран Ставрески, министрите за земјоделство и за транспорт и врски, Љупчо Димовски Миле Јанакиевски. Додека беа овде, ветуваа многу, а кога се вратија, се' заборавија. Од претходната поплава до денес измина цел месец и нема ништо преземено. Ни ветија дека проектот за регулација на коритото во должина од шест километри ќе биде поставен на седница на Владата. Од тоа остана само ветување, а проектот ниту е виден ниту некој се произнел за него. Наместо да го штити, државата и ЕЛЕМ го уништуваат своето население“, разочарано вели Кирко Масевски.
Претседателот на МЗ „Раотинце“ вели дека пред десетина дена во Јегуновце на трибина зборувал вицепремиерот Зоран Ставревски. „Го прашав каде е помошта, што сторија да не' обесштетите од поплавите, дали Владата го разгледа проектот за регулација на Вардар. Наместо тој, одговори заменик-министерот за транспорт и врски. Тој рече дека за проектот биле потребни 80 милиони евра.
Значи, не знае дека за тој проект се потребни само 6 милиони ��вра“, коментира Кирко Масевски, незадоволен од тоа што селата се оставени сами на себе и цел месец се борат со водената стихија и последиците од неа. (Г.Е.) |