Матната вода два месеца ги измачува гостиварци
Наместо од водоводот, жителите на Гостивар пијат вода од цистерни и бунари
Киро Кипроски
Гостивар - Два месеца минаа од хаваријата на изворите на реката Вардар, кај село Вруток, од каде што со вода за пиење се снабдуваат околу 70.000 жители на Гостивар. Водата се' уште не е доволно бистра за да биде укината забраната за пиење и готвење. Гостиварци се принудени да полнат чиста вода за пиење од цистерни, од хидрофори и од пумпи од соседството или, пак, да купуваат пакувана вода.
Стручњаците велат дека се' додека се топи снегот на Шар Планина, водата во извориштето на реката Вардар ќе биде заматена, а со тоа ќе продолжат и маките на гостиварци. „Тешко, рацете ми паднаа. Секој ден полнам по десетина литри вода од чешма, која од станот е оддалечена двесте метри“, вели Гордана Мојсоска од населбата Голем Пазар
„Се повторува 2006 година, кога шест месеци секој ден влечевме вода за пиење и готвење од цистерна. Големи маки имаме со водата“, ни вели Сали Рамадани од населбата Ново Маало. „Одговорните треба, конечно, сериозно да пристапат во решавање на проблемот и да ја довршат филтер-станица, која започна да се гради пред дваесет години“.
Многу гостиварци беа принудени да ги активираат дворните бунари и пумпи, а некои поставија и хидрофори. „Принуден бев да поставам хидрофор“, ни изјави сопственикот на ресторанот „Ноки“. „Цевките ги поставивме на длабочина од 10 метри и добивме квалитетна вода за пиење. Повеќе немам проблеми со вода за пиење во ресторанот, а исто така и соседите полнат вода од чешмата што специјално ја поставив пред влезот на ресторанот“.
По хаваријата на изворите на реката Вардар во Вруток, Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски, и Неџати Јакупи, министер за животна средина и просторно планирање, го посетија Гостивар и им ветија на гостиварци дека за десетина дена ќе продолжат работите на изградбата на филтер-станицата на градскиот водовод, дека ќе се гради во етапи и за две години ќе биде ставена во функција. Но, и по два месеца, нема ништо од тоа. Гостиварци не им веруваат на политичарите.
Пред пет години, Владата, на чие чело тогаш беше Владо Бучковски, одржа седница во Гостивар и донесе одлука за завршување на фабриката за вода, при што да се одделат 5.000.000 евра од буџетот. Но, и ова ветување не беше исполнето. |