Потребна е приказна за да се привлечат туристи
Алтернативниот туризам не може да се создаде преку ноќ. Потребни се пет или десет години
Миркица Поповиќ
Крани, Преспа - Со вкупно 13.500 хотелски легла во Македонија не може да се зборува и да се планира заработка од масовен туризам. Токму поради тоа, потребно е свртување кон алтернативниот туризам како гранка која може финансиски да и' помогне на државата. Вака ја толкува состојбата со туризмот Драги Поп-Стојанов од Туристичката комора на Македонија, но и на најголем дел од туристичките работници и претставници на локалните и регионалните туристички канцеларии од државата. Тие се сретнаа во петокот на конференцијата „Алтернативен туризам - европски искуства и македонски перспективи“ во организација на Македонскиот центар за европско образование, Фондацијата отворено општество - Македонија и Младинскиот образовен форум во Крани, Преспа.
„Масовниот туризам е привилегија на држави кои имаат голем број хотелски легла и долга морска линија. По осамостојувањето, тоа веќе го немаме и затоа треба да се фокусираме повеќе на алтернативниот туризам“, категорично вели Поп-Стојанов.
Драги Поп-Стојанов е дел од тимот што работеше на проектот за алтернативен туризам во селото Брајчино, Преспанско. Брајчино од 2005 година е една од ретките успешни алтернативни туристички приказни во државата.
Блиску до Преспанско Езеро и Пелистер, ова малечко село нуди пешачки модел на разгледување и уживање во природата. Во зависност од интересот и физичките можности на гостите, понудени се полесни и понапорни пешачки патеки. Едната е 17-километри планинарска патека од Брајчино до Големо Езеро на Пелистер, додека втората е селска патека за разгледување на културното наследство. Во Брајчино, покрај одржувањето на пешачките патеки, средени се сместувачките капацитети, се полага многу во националните специјалитети, но и во константната обука на населението за водичи, спасувачи, луѓе за комуникација со потенцијалните посетители, како и часови по англиски јазик и компјутери за да може населението да биде подготвено за подобро услужување на странските туристи.
Брајчино не треба да стои само во фолдерот за алтернативен туризам во државата.
Проектите за развој на алтернативниот туризам треба да имаат зад себе некоја приказна. „Не почнувајте веднаш со планирање како ќе се реконструираат, променат одредени патеки, туку најпрво смислете приказна која ќе биде привлечна за туристите, па дури потоа фрлете се на инфраструктурно планирање“, сугерира Жером Ванхи, координатор на проект за пешачки патеки низ Белгија.
Секако, приказната сама по себе повлекува уште поголема работа, како што се наоѓање партнери од соседните држави членки или кандидати за членки на ЕУ за соработка на проектот, јасно ��ефинирање на целите и работа за целосно развивање на конкретниот туристички производ.
„Не очекувајте дека проектот ќе се изведе преку ноќ. Можеби ќе бидат потребни пет или десет години инвестирање, работа за да се заврши целиот проект, но нема ништо послатко од крајниот исход“, смета Ели Витен, координатор на проектот „Со велосипед околу Северно Море“ за Норвешка. Витен инсистира дека е неопходно да се направи добра стратегија со цел да се има успешен производ. Со други зборови, не е доволно само тоа што нашата држава има интересни места за екотуризам, планинарење, црковен туризам, потребно е да се работи на дополнителните работи, како што се сместувачки и угостителски капацитети, обезбедување соодветни патни знаци и ознаки и стратегија за промоција на овој туристички производ.
Проектот во кој е вклучена Витен е соработка меѓу осум држави: Норвешка, Шкотска, Англија, Белгија, Холандија, Германија, Данска и Шведска. Станува збор за велосипедска патека во должина од 6.200 километри околу Северно Море, проект кој потоа понудил голем број работни места поради отворање нови сместувачки капацитети, потреба од водичи, развивање разни активности и привлечни работи за туристите во градовите, како и за одржување на патеките. Самата патека дава само основа за разработување на дополнителни идеи, тактики да се задржат туристите повеќе во државите вклучени во проектот. Покрај класичниот и Интернет-маркетинг, за овој проект е од исклучителна важност промоцијата преку мрежата од останатите држави-партнери во проектот. Во овој проект таков е случајот со преноќиштата за велосипедисти, каде што се нудат суви алишта додека да се исперат оние со кои се спортува, појадок, сместување и известување за временските услови, 3-минутните тури по мобилен телефон во области каде што нема туристички водичи, мапи и промотивни брошури, како и настани за велосипедисти кои дополнително помагаат за промоција на патеката.
Велосипедскиот туризам се покажал како лукративна гранка, бидејќи само во Англија во 2006 година овој проект донел 60.000 патувања, односно 3,5 милиони евра профит. „Со велосипедизмот се придонесува за подобрување на физичката состојба на граѓаните, а со тоа се внимава и на идното трошење на државни пари за здравствена заштита. Поради тоа, се' поголем е порастот на одмори со велосипедски тури во ЕУ, а истражувањата покажуваат дека велосипедистите се склони да потрошат и поголеми суми додека се на одмор за разлика од класичните туристи. Откако ќе извозат повеќе од 50 километри дневно, се чувствуваат исполнети и среќни, така што повеќе и сакаат да се честат себеси за постигнатиот успех“, објаснува Витен.
Како координатор на проект комплетиран со европски пари, Витен предлага македонските организации да бидат поактивни на семинарите за барање партнери за проекти. Македонија како кандидат за влез во ЕУ има пристап до средствата од Инструментот за претпристапна помош (ИПА), за нашата држава е 60,7 милиони евра. Како што нагласи Лидија Димова, директорка на Македонскиот центар за европско образование, домашните организации заинтересирани за проекти за алтернативен туризам треба да обрнат големо внимание на ИПА за прекугранична соработка, која во скоро време ќе стане достапна за нашата држава и токму од таа причина да бараат партнери од соседните држави, кои, исто така, ќе имаат пристап до овие финансиски средства. Преку ИПА, прекугранична соработка ќе се стави фокус на унапредување на добрите односи меѓу регионите, поддршка на заеднички активности за заштита на животната средина и подобрување на потенцијалот на туризам. |