Осветен нов манастир кај Злетово
Ктитор на „Пречиста Богородица источен петок Балаклија“ е Чедо Петров поранешен пратеник
Штип - Неколку илјади верници вчера присуствуваа на церемонијата на осветувањето на новиот манастир „Пречиста Богородица источен петок Балаклија“. Манастирот, чиј ктитор е семејството на поранешниот пратеник и актуелен бизнисмен Чедо Петров, се наоѓа на пет километри од Злетово, покрај новиот пат што води кон браната „Кнежево“. Манастирот го освети поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан.
Во новиот манастир ќе има монаси, а во негова непосредна близина се наоѓа и женскиот манастир „Свети Спиридон Чудотворец“, во кој има една монахиња. Присутните на церемонијата кои дојдоа од блиските општини Пробиштип, Штип, Кочани, Виница, Кратово, Куманово, Крива Паланка, Велес и други беа одушевени од целокупниот амбиент.
Според градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски, овој верски објект претставува драгоцен прилог кон развојот на верскиот, планинскиот, како и еколошкиот туризам во оваа општина. На делницата Пробиштип – Злетово - Кнежево се уредуваат делниците од дваесеткилометарски асфалтен пат изграден за потребите на регионалниот хидросистем. Општините Пробиштип и Кратово планираат разработка на локации за изградба на викендички на брегот од новото вештачко езеро и по течението на реката Злетовица. „Донациите од ваков тип и изградбата на регионалниот хидросистем со вештачкото езеро ќе бидат импулс за напредок на регионот“, ни рече Раде Рогожаров, актер. (И.Б.) |