Инспекторите ќе одговараат за измама
Кривичниот совет на скопска „единица“ ја отфрли жалбата на Јавното обвинителство, а по одлуката на истражниот судија, двајцата полициски инспектори, кои се осомничуваа за примање мито, да се бранат од слобода.
Инспекторите што беа снимени и прикажани на телевизија за наводно земање 400 евра мито, сега ќе одговараат за кривично дело измама. Јавното обвинителство смета дека полициските инспектори Р.А.(29) и З.Д.(31) од Скопје го измамиле Хасан Алиовски за текот на кривичната постапка што требало да се води за него откако претходно бил приведен.
Според наши сознанија, се' започнало со приведувањето на Алиовски во полициската станица во Автокоманда поради, наводно, учество во тепачка со припадници на „алфите“. Во тепачката, како што неофицијално се дознава, Алиовски користел безбол-палка.
Подоцна тој бил ослободен и пуштен дома. Кривичната пријава била изготвена, но не се знаело дали по неа ќе се постапува во итна или во редовна постапка. Неколку часа по неговото ослободување, двајцата инспектори повторно го побарале, за, наводно, да им каже битни информации за лице што го барала полицијата, а со кој бил во закрвавени односи.
Пријавените инспектори во истрагата се бранеле со кажувања дека со Алиовски се виделе заради добивање оперативни сознанија за лицето М.А. и дека кога им биле понудени парите, тие се нафрлиле на него со пцости, а девизите воопшто и не завршиле кај нив. (Љ.С.)
|