Пандев во тимот на светот со Кака, Дрогба, Меси, Роналдо...
Селекцијата на светот ќе одигра ревијален натпревар против Иран на 22 декември на „Сан Сиро“
Македонскиот репрезентативец Горан Пандев ќе биде дел од селекцијата на светот, која ќе одигра ревијален натпревар против Иран на 22 декември на „Сан Сиро“. Покровители на овој натпревар се сопственикот на Милан и премиер на Италија Силвио Берлускони и претседателот на Интер Масимо Морати.
„Голема чест ми претставува овој повик. Ова е прв ваков меч во мојата кариера, кој сигурно ќе биде дополнителен мотив за мене“, изјави Пандев, кој ќе игра заедно со светската класа Кристијано Роналдо, Меси, Кака, Дрогба, Дел Пјеро, Бекам, Тери, Инзаги, Балак....
Во минатото Македонија имала свој претставник во такви тимови на светот. Тоа беа Артим Шаќири, Зоран Јовановски, Дарко Панчев. Но сите се едногласни во едно, ова досега е најелитниот натпревар. За тоа е доволно само да се погледне составот во кој ќе игра Пандев.
Пандев го елиминира Милан од Купот
Македонскиот интернационалец го постигна победничкиот гол за победа од 2:1 во 2. минута од продолженијата
Италијанскиот гигант Милан долго ќе го памети Горан Пандев. Со молк навивачите на Милан на својот „Сан Сиро“ го проследија неговиот гол во 92 минута за победа на Лацио од 2:1 и елиминација на италијанскиот гигант од осминафиналето од Купот на Италија. Но, тоа не беше се'. Само пет минути пред тоа во слична состојба го проследија и пеналот за израмнување направен од Фавали токму над нашиот репрезентативец. Тој пенал го реализира Зарате, кој во 73 минута влезе во игра како замена за Роки.
Инаку, Милан поведе на овој натпревар со голот на Шевченко во 88 минута, постигнат 12 минути по исклучувањето на Емерсон (втор жолт картон).
Во четврт-финалето Лацио ќе игра против победникот од дуелот Фиорентина - Торино. Удинезе и Наполи исто така обезбедија четврт-финале. |