Адебајор приватно се пресмета со своите бивши соиграчи и навивачи
Напаѓачот од Того даде гол за Манчестер Сити во победата над Арсенал, но остави лош впечаток со своето однесување
Манчестер Сити го разби Арсенал (4:2 - Ричардс 20. минута, Белами 74., Адебајор 80., Филипс 84. - Ван Перси 62. и Росицки 88.) во мечот кој репрезентативецот на Того Емануел Адебајор го искористи за приватна пресметка со својот бивш клуб и навивачите.
Високата победа не е реалната слика за она што се случуваше на теренот, но бодовите се паметат, а впечатокот ќе биде заборавен. Но, тешко дека ќе биде заборавензаборавено однесувањето на Адебајор. Одигра незаборавен натпревар, постојано ја нервираше одбраната на својот бивш клуб, а постигна и гол во периодот од 10 минути (од 74 до 84 минута), во кој се случи бродоломот на „топчиите“. По додавањето на Филипс во 80 минута Адебајор високо скокна и ја начна мрежата на Арсенал за 3:1. Истрча стотина метри само да се разлизга на тревата пред навивачите на Арсенал, порачувајќи им дрско дека не биле во право кога летово побараа од клубот да го продадат било кому, само да не остане на „Емирати“. „Тоа не се навивачи. За Арсенал денес навиваат луѓе од Јужна Америка и Јамајка. Тоа се луѓе кои денес навиваат за Арсенал утре за Ливерпул, а задутре за Јунајтед. Доколку секој викенд му свирите на својот играч, немојте да се лутите, тогаш не сте навивач. Тоа страшно ме болеше. Тоа беа најтешките моменти во мојата кариера“, кажа Адебајор само неколку часа пред мечот.
Разбирливо е зошто Адебајор одигра со големи емоции, но на моменти навистина претера со своето некултурно однесување и дивјачки стартови. Најтешко мина Робин ван Перси, кој заврши со раскрвавено лице, по еден таков остар дуел. Холанѓанецот преку интернет страницата на Арсенал и се обрати на јавноста.
„Тажен сум и разочаран поради непромисленото однесување на мојот бивш соиграч. И јас знам понекогаш да играм грубо, но никогаш не одам во дуел со цел да повредам некого. А, Адебајор сакаше да ме повреди. Знам дека сакаше да дојде до судар бидејќи ја смени положбата на телото како би дошло до контакт“, стои меѓудругото во соопштението на Ван Перси. Адебајор подоцна, сепак, собра сили за какво такво извинување: „Жал ми е поради тоа што го направив. Правиме грешки за утре да бидеме подобри“, филозофски порача Адебајор.
Резултати од 5. коло: Блекбурн - Вулверхемптон 3:1, Ливерпул - Барнли 4:0, Манчестер Сити - Арсенал 4:2, Портсмут - Болтон 2:3, Стоук - Челзи 1:2, Сандерленд - Хал 4:1, Виган - Вест Хем 1:0, Тотенхем - Јунјатед 1:3. Табела: Челзи 15, Јунајтед 12, Тотенхем 12, Сити 12 (-1), Ливерпул 9, Сандерленд 9, Стоук 7 итн. |